Живата на термометарот во среда, ќе го надмине 40-от степен, земјава ќе биде во портокалово ниво за опасност од високи температури и УВ зрачење. Лекарите, но и тимовите на Црвениот крст се подготвуваат за топлотниот бран што следува. Над 150 волонтери на најфреквентните локации низ градот ќе им помагаат на граѓаните полесно да се справат со топлото време. Ќе делат вода, ќе мерат крвен притисок и ќе вршат транспорт до здравствена установа или домот. Мобилните екипи од момин поток ќе се грижат за здравјето на бездомниците.
„Дневно ќе имаме по 5 мобилни тимови коишто ќе бидат на автобуските постојки, кај пазарите, болниците, на оние фреквентни места каде што луѓето ќе се движат повеќе заради одредена потреба којашто е неодложна . Мобилните тимови се подготвени за дистрибуција на вода, ќе можат да мерат крвен притисок, да вршат транспорт до домот на лицето кое ќе се најде во ризик или до првата здравствена установа каде што ќе треба да се даде лекарска помош“, изјави Сузана Тунева – генерален секретар на Црвен крст.
Метеоролозите велат, топлото време ќе се задржи до крајот на неделата. Ќе има разладување за викендот, но само на северните делови од државата.
„Овие високи температури најпрво во среда ќе се почувствуваат на планините, каде што затоплувањето ќе биде значително, а потоа во четврток и петок ќе имаме повисоки температури некаде и над 40 степени“, изјави Борис Секирарски – метеоролог при УХМР.
Влијанието на климатскиот феномен „Ел Нињо“ во наредниве години ќе предизвика во просек повисока температура за еден и пол степен од сегашната – посочува професорот Спиридонов.
„Иако научниците кажуваат дека 90 проценти се шансите за „ел нињо“ до крајот на годината, само 10 проценти се шансите дека ќе биде „ла ниња“, а „ла ниња“ е спротивна фаза кога имаме ладење на океанските води. Како тоа се рефлектира, тоа не оди така брзо. Живееме во време на климатски промени и се позачестена ќе биде појавата на вакви екстремни состојби, меѓутоа тие ќе имаат и многупоголем интензитет од досега“, изјави Владо Спиридонов – универзитетски професор.
Лекарите секое лето го повторуваат апелот – да не се излегува кога е најжешко. Да се пијат повеќе течности, а хронично болните навреме да ја земаат потребната терапија.