21.8 C
Skopje
Tuesday, July 5, 2022

Од Македонците се плашат…

Најчитани вести

„Историјата на Европа е поврзана со Македонија. Се плашам дека пребогатата историја на Македонија и Македонците во иднина ќе им донесе преголеми проблеми, кои ќе им ги наметнат Бугарија и Грција, затоа што се плашат од постоењето на Македонија и Македонците, кои имаат морално, политичко и секакво право над нивните територии, рекол Винстон Черчил во врска со расправите за Македонија…, одамна пред Викиликс.
Постои некаков потсвесен страв кај некои од соседите, а и кај некои други држави во Европа.
„Не треба да дозволуваме легитимација на македонизмот. Во ЕУ нема место за идеологии од поранешна Југославија и Коминтерната“, изјави бугарскиот претседател Румен Радев.
Освен тоа, неколку европратеници од бугарската националистичката ВМРО-бугарско национално движење, во текот на расправата на Европскиот парламент и Извештајот за напредокот на Македонија, пред гласањето ја нарекоа Македонија „геноцидна кон Бугарите“.
Од Македонците се плашеа и „имаа уплав“ ракометарите на Данска, ракометарите на европскиот првак од Хамбург, а и некои женски ракометни европски брендови. Добро ова што се однесува до ракометот, според многумина најдинамичниот, најмашки и најцврст спорт, е нешто видливо, конкретно, конечно. Фудбалот во споредба со ракометот е „балет“ – и сѐ помалку е атракција за забрзаната динамична и моќна перцепција на македонскиот современ компетентен гледач-консумент. Но и таму се случи чудо. Првпат во фудбалската историја на Македонија и регионот пошироко, македонската фудбалска репрезентација ги победи најпрвин Германците, а потоа и Италијанците.

Се плашат и Грците, Бугарите, господ знае од што, коментираат умерените и чесни набљудувачи на историско-политичките збиднувања. Од најразлични причини и соображенија. Според некои инвентивни аналитичари, од Македонците се плашат и многу други -… се плашат и Евреите – тврди мој близок пријател, во мезе-муабет.
„Кога Евреите дознале дека Александар, царот на Македон, доаѓа со силна војска организирана што дотогаш немале видено, свештениците на Ерусалим се уплашиле, мислејќи дека Македонската фаланга ќе го нападне градот и запали… Па затоа решиле четириесет свештеници да го пречекаат надвор од градот, пред големата порта, и на Александар да му понудат неколку сандаци со злато и со тоа да го спасат градот.“ (Да го заобиколи Ерусалим)
Некаде пред повеќе од триесет години во „Бојана филм“ во Софија, на синхронизација на играно-документарниот проект „Мојата Љубов Чарли Паркер“, во паузата од еден постар филмски работник, Бугарин, слушнав интересна изјава.
– А бе, вие Македонците имате среќа – ја отвори темата турајќи кафе во филџаните.
– Е, што сме толку касметлии – се обидов да реплицирам – очекувајќи некоја вообичаена провокација или ситна злоба.
– Вашиот касмет е таков…, решиле Американците да прават Велика Македонија, и това ште б’де, тука нема бегање.
Мене онака ми иде убаво, но не можев да разберам во што е работата и од каде ваквата идеја. Дали е ова некаква длабока иронија или визија, која ние од нашиот двор не успеваме да ја видиме. Во секој случај, тој убав викенд во Софија ја направив синхронизацијата на првиот македонски долби-стереоспектрал рикординг 35 мм филм, „Мојата љубов Чарли Паркер“.

Безмалку триесетина бурни години оттогаш, работите на Балканот како да добиваат по малку филмски тек, како оној што го претпоставуваше и ме уверуваше бугарскиот колега. Американците изградија амбасада на скопското Кале, во Бондстил е стационирана голема НАТО-формација. На полигонот Криволак воени тренинзи. Нашиот јужен сосед полека но сигурно се согласи и помири. Македонија успешно преживеа 30 години независност, многумина не можат да се изначудат како! Некако сѐ се движи во насока на тезите на бугарскиот филмски работник. Според овој вистинскиот Викиликс, Американците знаеле за ветото во Букурешт цела година пред тоа. Знаат и трпат и молчат.
А како што по повод оваа дискусија тврди еден мој близок македонски филмски работник, Американците долго молчат, но не забораваат. Ниту 9/11, ниту балканската барутна сказна, сѐ некако се одвива филмски, но вистински.
И еве, месецот септември во САД ќе биде прогласен за месец на македонскиот јазик, историја и култура и придонесот на Македонците за развојот на САД… Бугарскиот претседател Румен Радев ја обвини Америка дека ја поддржува Македонија со тоа што дозволува и го промовира македонскиот национален идентитет.
Ние, Македонците, можеби според сценариото изгледа сме во вистинското оро за првпат во историјата. Знаеш, она дебармаалско, облечи костум, врзи вратоврска и фати се во правото оро, со големите, како што тоа низ историјата го прават нашите соседи, Бугарите и Албанците. Свесни дека се мали, секогаш се во оро со посилните. Доаѓаат Германци, Италијанци, во поново време Кинези, тие секогаш се уортачуваат со дојденците. За око не личи, но е многу практично. За разлика од нашиот северен и воинствен сосед, кој во двете војни, според статистики, има два милиони загубени животи, овие првите од сите балкански премрежиња излегуваат цели, безмалку недопрени.

Нејсе, според наредниот Викиликс, вака од филмска визура и интуиција, сите овие големи трошоци околу спомениците, градбите, материјалните паметници, некој (не знаеме кој, но според сето наведено може да се претпостави) континуирано го дополнува нашиот платен биланс, нѐ ослободи навремено од визните ограничувања, во Овчарани веќе освен инструментални изведби на македонски песни, може да се пее наглас, солунското пристаниште се продава, не знам можеби звучи филмски, но некако сѐ ме враќа на муабетот со мојот филмски собрат во Софија.
Кога ќе се спомне Македонија, веднаш се мисли на Македонија од минатото, кога била голема светска империја. Од тие причини, намерата е да исчезне тоа име плашејќи се дека еден ден можеби повторно ќе воскресне таква империја.
Постои некаков потсвесен страв кај некои од соседите, а и кај некои други држави во Европа, па и пошироко дека овој народ, иако сега е малоброен, некогаш пак ќе стане силен, бидејќи има потенцијал за тоа во секој поглед. Но, не мислам дека таква е намерата на македонскиот народ…
„Ние сме мирољубив народ, но ги влечеме последниците од некогашната слава“, вели висок правосвештен достоинственик.

Автор: Аљоша Симјановски

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com