23.8 C
Skopje
Friday, June 18, 2021

Од вечерва забрана за движење од 20 часот, од утре се затвораат угостителските објекти

Најчитани вести

Со забраната за движење од 20 часот до 5 часот наутро, забраната за работа на фитнес, спортските и салите за вежбање, за одржување семинари, обуки и конференции, од денеска стапуваат во сила двонеделните рестриктивни мерки, кои опфаќаат и затворање на сите угостителски објекти, угостителскиот дел од обложувалниците, казината и бензинските пумпи, што ќе се применува од утре.

Објектите кои вршат подготовка и продажба на храна може да продаваат преку онлајн или телефонска нарачка и да вршат достава на храна или самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект, преку пулт.

Целосна забрана да примаат гости ќе имаат и хотелите, мотелите, хостелите, пансионите и други објекти за сместување или на бензински станици кои имаат делови за служење храна, а исклучок се рестораните во склоп на хотелите, мотелите, хостели и пансиони за оние лица кои се сместени како гости, како и угостителските објекти на двата аеродроми.

Обложувалниците ќе можат да работат без да примаат гости во своите објекти и уплатите да ги вршат преку наплатен пункт.

Целта на новите мерки е да се намали оптоварувањето на здравствениот систем, како и да се избегне потенцијално затворање за верските празници Велигден и Бајрам, образложија вчера на прес-конференција премиерот Зоран Заев, првите луѓе на Министерството за здравство, министерот Ценко Филипче и заменикот Илир Хасани и претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски.

Вчера беа регистрирани нови 37 починати лица, како и нови 301 случај на ковид-19 од направени 1 431 тестирање. Бројот на починати од почетокот на пандемијата достигна 3 977, а бројот на активни случаи изнесува 20 802.

-Се соочуваме со бран кој е предизвикан од мутација на вирусот која е различна во однос на карактеристиките кои вирусот и бранот го имаше во ноември. Имаме голем број хоспитализирани пациенти, лекувањето трае подолго отколку минатата година. Празниците кои доаѓаат дополнително може да ја комплицираат епидемиолошката ситуација. Во таа смисла се сите овие дополнителни рестриктивни мерки со цел епидемиолошката слика дополнително да стивне, рече Филипче.

Заменик-министерот за здравство Илир Хасани, рече дека мерките се рестриктивни, но имаат за цел да се заштитиме и претстојните празници да ги поминеме во мир и спокој.

Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори побара итна финансиска помош за овој сектор, каде според нивните проценки без основни приходи ќе останат околу 30 илјади граѓани кои работат во овој сектор.

-Со оглед на моменталните услови, ја разбираме потребната од носењето на нови рестриктивни мерки кои треба да доведат до подобрување на состојбите на здравствен план. Но, во исто време апелираме дека е неопходно паралелно со тоа итно да се додели и посебна финансиска помош за субјектите кои поради одлуката затворањето ќе останат без било какви приходи. Финансиска поддршка е неопходна за да се обезбеди основна егзистенција и да не се изгубат овие работни места, вели Мартин Анѓеловски од Туристичко-угостителската комора.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, оценија дека со објавените мерки паднале во вода сите тврдења дека состојбата е под контрола.

-Паднаа во вода сите нивни тврдења дека состојбата е под контрола, дека системот е добро организиран и дека нема потреба од нови мерки, како што изјавуваа пред само една недела, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести