6 C
Skopje
Saturday, April 17, 2021

Одмазда на историјата

Најчитани вести

Низ целиот свет, историјата се враќа со одмазда. А Македонија, како по обичај, не е подготвена. Ние ја игнорираме важноста на историјата на наш сопствен ризик. Наместо да ги избегнеме грешките поврзани со историјата, ние ги повторуваме, политички и интелектуално лошо екипирани, за да можеме да разбереме како државите и народите го нагласуваат сопственото минато да се борат едни против други, или да се заштитат себеси. Притоа заборавивме дека историските грешки може да бидат политички скапи. Денес може најдобро да се увериме колку скапа и погубна може да биде неспособноста на една власт да ја избегне постмодерната стапица, која ги разгледува сите историски наративи со еднаква вредност. Особено кога минатото не е реконструирано или не може да се бутне под тепих, тогаш тоа мора да биде физички уништено. Како нашето.
Не можам да верувам колку треба да си наивен, да не кажам интелектуално инфериорен, за да ja игнорираш сопствената историја како жив развиен ентитет што е обликуван од човечката меморија и индивидуалната перспектива на еден народ. Да не си способен да ја избегнеш замката на оние што тврдат дека историјата е збир на непроменливи вистини кои не влијаат многу на сегашноста и дека историјата не е отворена за толкување и ревизија.

Самите си ставивме јамка околу вратот оној момент кога ѝ свртевме грб на историјата, верувајќи дека така лесно ќе ги затвориме историските рани од минатото. Посебно македонското, чија трагична природа ризикува опасност да биде лесно заборавена ако ги прифатиме барањата на соседна Бугарија во регион што произведува повеќе историја отколку што може да консумира. Кога како власт сте дефицитарни со мудрост, а набилдани со неспособност, посакувате да се ослободите од товарот на историјата за да зачекорите во „новиот храбар свет“. Оној европскиот. Затоа одеднаш сме затечени од напливот на минатото и не може да ги издржиме шоковите на историјата што ни се случуваат во моментов.
Очигледно крајот на историјата на Фукујама Владата на нашата држава го сфати буквално, заборавајќи дека 2016-та ја донесе кризата на либерализмот, а 2020-та кризата на глобализацијата. Да не ја потсетувам дека светот се враќа на традиционалниот концепт на државен суверенитет што требаше да им го отстапи местото на новите форми на економски, политички, правни, па дури и културни меѓународни интеграции. За жал, добрата старомодна историја се покажа како жилава. Историјата сега е насекаде. Четирите главни стратегиски предизвици со кои се соочува Западот се втемелени во старите историски тврдења: рускиот предизвик, кој мобилизира повторно измислено минато и реконструира настани од 20 век; кинескиот предизвик, кој користи антички мапи и приказни за да ги оправда своите територијални претензии; предизвикот на ИСИС, кој имаше цел да го врати регионот во времето на пророкот и да изгради нов калифат; и иранскиот предизвик, кој се потпира првенствено на антиколонијализмот и антиамериканизмот, но исто така и на минатата слава на персиската империја.

И во Европа се случува, одмаздата на историјата во самата Унија. Репресивните спомени се вратија. Ова враќање на историјата како мотор на меѓународните односи не е нешто ново. Затоа не е за изненадување ни односот на Бугарија кон историјата. Всушност, Бугарија нѐ потсети како историјата може да се одмаздува и како може да се мобилизира зголемувајќи ја некомпатибилноста на националните наративи и креирајќи криза. Сега гледаме колку историјата може да биде страсна и поради тоа многу опасна.
Историјата не е само процес, тоа е и збир на лекции. Да го проучевме начинот на кој политички лидери ги користат и злоупотребуваат историските аналогии во процесот на носење одлуки, немаше да бидеме збунети како една држава во 21 век се однесува на стариот добар начин од 19 век. Бугарија ни ги отвори очите (кому како) колку историјата може да биде мобилизирачка алатка за да се оправда потребата за национална кохезија, создавање на државата, или градење на националниот идентитет. Жртвувајќи ја историјата, оваа власт го осакати македонскиот идентитет до трагични размери. Ова е класика на нејзиниот политички дискурс. Не ни требала историјата. Ни нуди да ги заборавиме болката на историските рани и горчината на историските неправди кон македонскиот народ. Несвесна дека наметнатата амнезија кон сопствената историја е неправда кон минатото.

За жал, раните на историјата што ги чувствуваме и кои сѐ уште се незалечени ни се враќаат одново и одново во една очајна, деградирана атмосфера во односите на „добрососедство“ со Бугарија.
Историјата е нашата најдобра одбрана од незнаењето и опасноста да ја загубиме колективната меморија на еден народ. Затоа историјата мора да остане еден од најважните предмети што треба да се изучуваат во училиштата. Само држава каде што е киднапирана демократијата од авторитарна власт се обидува да ја потисне и заборави сопствената историја. Велат дека треба да го знаете вашето минато ако сакате да ја промените својата иднина. Да го цитирам Винстон Черчил: „Нација што го заборава своето минато нема иднина“. Можеби тоа го посакува оваа власт. Посакува држава без минато и без иднина. Заборавајќи дека историјата кога тогаш ќе се одмазди.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести