17.8 C
Skopje
Monday, June 14, 2021

Одлуки од 41-та седница на Владата

Најчитани вести

Владата на Република Северна Македонија на денешната 41-ва редовна седница го разгледа и го прифати Националниот план за КОВИД-19 вакцинација во Северна Македонија и го задолжи Министерството за здравство и другите надлежни институции да го имплементираат и да доставуваат редовни месечни извештаи за остварениот напредок.

Вакцинацијата во државата ќе се спроведува во три фази во кои се опфатени различни категории граѓани. Фазите ќе бидат во согласност со првичните количини на достапни вакцини и ризичните приоритетни групи за вакцинација. Три главни групи се приоритетни, со цел да се обезбеди функционирање на здравствениот систем, да се заштитат лицата со најголем ризик од заболување, компликации и смрт и да се одржат основните услуги на критичната инфраструктура.

За спроведување на вакцинацијата ќе се користи постоечката здравствена инфраструктура и стручниот кадар кој досега ги спроведува вакцинациите во државата. Организацијата на системот ќе биде адаптирана согласно условите и во моментот кога ќе има поголем број на вакцини, вакцинацијата ќе се спроведува во поширок опсег со можност за вклучување на повеќе вакцинални тимови и отворање на пунктови.

Националниот план опфаќа и безбедна и сигурна логистичка поддршка за прием, складирање и дистрибуција на вакцините до вакциналните пунктови каде што ќе се спроведува вакцинацијата.

На оваа седница Владата ја донесе и Програмата за економски реформи 2021 – 2023 година, која како обврска е и дел од реформите согласно евроинтеграцискиот процес, а министерот за финансии е задолжен да ја достави до Европската комисија до 31-ви јануари 2021 година.

Програмата за економски реформи содржи макроекономски проекции, план на Буџетот за наредни три години, 15 до 20 структурни реформи кои најмногу влијаат на економскиот раст како што се реформа на пазарот на енергија и транспорт, развој на земјоделскиот сектор, подобрување на деловното окружување и намалување на сивата економија, поддршка на истражување, развој и дигитална трансформација, регионално економско поврзување, образование и вештини, социјална заштита и инклузија, како и здравствена заштита.

На денешната седница на Владата се донесени дополнителни одлуки за одобрување средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година во износ од 40.000.000 денари на Општина Дојран, за решавање на проблемот со состојбата на Дојранското Езеро и 40.000.000 денари на Општина Ресен, за решавање на проблемот со состојбата на Преспанско Езеро.

Членовите на Владата на денешната седница ја одобрија Годишната програма за изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на државните патишта за 2021 година на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), која во делот на инвестициите оваа година има буџет повисок за 4.000.000.000 денари во однос на минатата година.

На оваа седница Владата го утврди текстот на Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжителни нафтени резерви, со кој, меѓу другото, се врши усогласување со законодавството на Европската унија во насока на обезбедување механизми и услови за одржување високо ниво на безбедност и стабилност во снабдувањето со нафта и нафтени деривати во земјата и во ЕУ, преку сигурни и транспарентни механизми кои се засноваат на солидарност помеѓу земјите-членки.

Освен усогласувањето со европската директива, со предложените измени се врши усогласување и со домашната легислатива како неопходен услов за ефикасна и непречена имплементација на прописите во пракса.

Владата на Северна Македонија денеска ја усвои Информацијата за реализација на мерките од Акцискиот план за железница од Договорот за основање на транспортната заедница која произлезе од третиот Министерски совет на транспортната заедница, на кој министрите за транспорт на земјите од Западен Балкан ги одобрија акциските планови кои ја забрзуваат реформата на железничкиот пазар на регионално ниво.

Акцискиот план за железници се состои од шест активности и вкупно 22 мерки кои се однесуваат на отворање на пазарот на железница, на правата на патниците, на управувањето, на интероперабилноста, на подобрување на операциите на граничните премин и на модернизација на инфраструктурата на железничката мрежа.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за потребите на оперативната работна група во процесот на Кодификација на правото и правниот поредок на Република Северна Македонија која треба да пристапи кон хармонизација на правните прописи кои се дел од правниот поредок на државата која има за цел да ја изрази стабилноста и релативната непроменливост на нормите со кои се регулираат граѓанско-правните односи, совесност и чесност, справедливост, забрана на злоупотреба на субјективните права, еднаквост, автономност со зајакнување на начелата на правна сигурност.

На денешната седница Владата ги прифати предлог решенијата на владината Комисија за именувања и ги донесе следните одлуки:

  1. Александар Цуцулоски, да го отповика од должноста вршител на должноста член на Одборот на директори на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката.
  2. Мухамед Љамалари, да го избере за член на Одборот на директори на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката.
  3. Владата на Република Северна Македонија заклучи да му препорача на Надзорниот одбор на Акционерско друштво за поштенски сообраќај „Пошта на Северна Македонија“ во државна сопственост – Скопје да го разреши од должноста член на Управниот одбор на Акционерско друштво за поштенски сообраќај „Пошта на Северна Македонија“ во државна сопственост – Скопје Драги Цветковски, а за нов член на Управниот одбор да го избере Нуредин Фетаи.
  4. Врз основа на член 49 став 4 од Законот зa Народната банка („Службен весник на Република Македонија“ бр.158/2010, 123/2012, 43/2014, 153/2015, 6/2016 и 83/2018), Владата на Република Северна Македонија заклучи да му предложи на Собранието на Република Северна Македонија за неизвршни членови на Советот на Народната банка на Република Северна Македонија, со мандат од седум години да ги именува:
  • Борче Треновски
  • Никола Поповски и
  • Марјан Петрески
  1. Исни Јакупи да го именува за директор на Управата за водостопанство, орган во состав на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.
  2. Татијана Лалчевска да ја именува за директор на ЈП Службен весник на Република Северна Македонија.
  3. Наташа Јанковска да ја разреши од должноста член на Советот за стручно образование и обука, претставник од Министерството за образование и наука, на нејзино барање.
  4. Снежана Костовска Фрчковска да ја именува за член на Советот за стручно образование и обука, претставник од Министерството за образование и наука.
  5. За членови на Училишниот одбор – претставници на основачот на Државното средно училиште – Регионален центар за стручно образование и обука „Моша Пијаде“ Тетово, да ги именува:
  • Арбен Несими
  • Горан Савески и
  • Душко Коцески
  1. Од должноста членови на Училишниот одбор – претставници на основачот на Државно училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ – Скопје, да ги разреши Славче Ивчевски и Елена Стефановска, а за членови да ги именува:
  • Елена Стефановска
  • Симона Јовевска и
  • Натали Папакоч
  1. Владата заклучи на Славчо Ѓоргиоски, Влатко Јовановски и Кристијан Талески да им утврди престанок на мандатот како членови на Управниот одбор – претставници на основачот на ЈЗУ Здравствен дом – Прилеп.
  2. Владата на Северна Македонија заклучи на Миле Велкоски, Николина Недеска и Кире Северкоски да им утврди престанок на мандатот, членови на Управниот одбор- претставници на основачот на ЈЗУ Општа болница Прилеп.
  3. Миле Велковски, Кристијан Талески и Николина Недеска да ги именува за членови на Управниот одбор – претставници на основачот на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Прилеп.
  4. Владата се информираше за оставката од Даниел Димевски од должноста претседател на Комисијата за евалуација на предлог – листата на спортски ваучери и врз основа на член 14-г став 9 од Законот за спорт, на органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот за формирање на Централна комисија за евалуација на предлог – листата, за период од четири години (Агенција за млади и спорт), Владата ги предложи: за претседател Огнен Стојановски и за членови: Ѓорѓи Тасев, Наташа Смилевска, Нијази Елмазов, Дриљон Леши, Иван Миноски и Бејтула Емини.
  5. Ивана Костовска, да ја разреши од должноста член на Управниот одбор – претставник на основачот на ЈЗУ Здравствен дом „д-р Иван Георгиев“– Пехчево на нејзино барање, а за член на Управниот одбор да го именува Петар Цветковски.
  6. Славе Јорданов да го разреши од должноста член на Управниот одбор – претставник на основачот на ЈЗУ Центар за јавно здравје – Велес на негово барање, а за член на Управниот одбор да го именува Марјан Габеров.
  7. Јане Андовски да го разреши од должноста член на Управниот одбор на ЈУ Центар за социјална работа Пробиштип – стручeн работник од центарот за социјална работа, поради постоење на состојба на судир на интереси на негово барање, а за член на Управниот одбор да ја именува Снежана Петрушев.
  8. Александар Костадинов, да го разреши од должноста член на Орган за надзор на ЈУ Центар за социјална работа Виница на негово барање поради постоење на состојба на судир на интереси, а за член на Органот за надзор да ја именува Ленка Павлова.
  9. Арјан Даци, да го разреши од должноста член на Управниот одбор – претставник на основачот на ЈЗУ Универзитетска клиника за хирургија на лице, вилици и врат – максилофацијална хирургија – „Академик Илија Васков“ поради постоење на состојба на судир на интереси, а за член на УО да го именува Шкељким Селими.
  10. Шкодране Дарлишта да ја разреши од должноста вд директор на ЈУ од областа на здравството за потребите на ЈЗУ универзитетски клиники, завод и ургентен центар Скопје поради постоење состојба на судир на интереси.
  11. Амар Даут да го именува за вд директор на ЈУ од областа на здравството за потребите на ЈЗУ универзитетски клиники, завод и ургентен центар Скопје.
  12. Љупчо Павловски да го разреши од должноста член на Управниот одбор на Јавното претпријатие за државни патишта на негово барање.
  13. Стојанче Манев да го именува за член на Управниот одбор на Јавното претпријатие за државни патишта.
  14. Даут Хајрулахи да го разреши од должноста член на Управниот одбор на Јавното претпријатие за државни патишта.
  15. Илир Селмани да го именува за член на Управниот одбор на Јавното претпријатие за државни патишта.
  16. Билјана Симонова – Тасева да ја разреши од должноста член на Управниот одбор на ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – Скопје ц.о. на нејзино барање поради постоење на состојба на судир на интереси, и
  17. За државен правобранител во Државното правобранителство на Република Северна Македонија за подрачјето на Велес да го именува: Александар Јаковлевски.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести