Стотици граѓани на Темишвар прошетаа низ централните градски улици со свеќи и знамиња на Романија, во знак на сеќавање на почетокот на бунтот против режимот на романскиот диктатор Николае Чаушеску пред 30 години.
Граѓаните се собраа во неделата вечер пред протестантската црква во четвртиот по големина романски град, каде што на 15 декември 1989 година жителите протестираа против протерувањето од црквата на пасторот Ласло Токеш, критичар на Николае Чаушеску, јавуваат медиумите.
Два дена по почетокот на собирите за поддршка на пасторот Токеш, Чаушеску ѝ нареди на полицијата да пука во луѓето, при што беа убиени 60 лица, а повеќе од 2.000 беа ранети.
Демонстрантите пристигнаа во Букурешт на 21 декември 1989 година, а следниот ден Чаушеску и неговата сопруга Елена се обидоа да избегаат со хеликоптер, но беа уапсени, осудени и егзекутирани на 25 декември.