14.8 C
Skopje
Tuesday, September 21, 2021

Огнената стихија го проголта регионот

Најчитани вести

Пожарникари, авиони за гаснење пожари, општински екипи и волонтери се обидуваат да го локализираат огнот што избувна во шумата кај селото Лимни, каде што промената на правецот на ветрот повторно го запали огнот и се прошири во различни насоки

Грчките власти наложија нова евакуација на жителите во селата во северниот дел на островот Евија, кои се опкружени со големи пожари, а каде што се повредија тројца пожарникари.

Според најновата наредба, жителите и туристите во Кулурос, Марулија, Ровиес и Палаиохори мора да ги напуштат своите домови како мерка на претпазливост на вториот по големина грчки остров.

Пожарникари, авиони за гаснење пожари, општински екипи и волонтери се обидуваат да го локализираат огнот што избувна во шумата кај селото Лимни, каде промената на правецот на ветрот повторно го запали огнот и се прошири во различни насоки.

Ситуацијата е особено опасна во областа Дримонас, каде што група монаси не сакаа да го напуштат манастирот „Свети Давид“, иако зградата е опкружена со оган.

– Состојбата е многу тешка. Пламенот е висок 30 до 40 метри во борова шума, огнот го опколи манастирот. Се задушуваме од чадот, ова е кошмар – изјави манастирскиот старешина.

Грчкиот заменик-министер за цивилна заштита Никос Хардаљас изјави дека во изминатото деноноќие избувнале 41 нов пожар во Грција, уништени се десетици домови и автомобили, оштетени се стотици хектари шума и земјоделско земјиште.

– Ситуацијата на местото на големиот пожар во северното атинско предградие Варибоби е значително подобрена, но пожарникарите продолжуваат да работат на локализирање на огнот. Остануваат одделни пожари, но без сериозни проблеми – истакна Хардаљас.

Според првичните процени, како што наведе грчкиот заменик-министер, 1.250 хектари шума и земјоделско земјиште се уништени од пожарот во Варибоби, 76 станбени и 27 деловни објекти се сериозно оштетени, а 18 се делумно. Целосно се изгорени 82 автомобила, а 64 возила се оштетени.

Според него, во текот на ноќта биле извршени 71 операција за спасување и евакуација на луѓе од опасната зона, а на вкупно 182 лица им била пружена помош.

Шумските пожари во Турција се најтешките во историјата
Турција се бори со најтешките шумски пожари во својата историја, изјави претседателот Реџеп Тајип Ердоган, кога пожарот во област во југозападниот дел на земјата се прошири на термоелектрана.

– Пожарите што се случија оваа година никогаш не се случиле во нашата историја. Ова се досега најголемите пожари – рече Ердоган во телевизиско интервју.

Поради високите температури и силните ветрови, пожарите принудија илјадници Турци и странски туристи да ги напуштат своите домови и хотели на брегот на Егејското Море и Медитеранот. Осум лица го загубија животот во пожарите од минатата недела.

Авиони и десетици хеликоптери им се придружија на пожарникарите кои се борат со огнот на терен, но владата на Ердоган се соочи со критики за брзината на одговорот.

Повеќе од една недела откако избија првите пожари, 16 од нив сѐ уште горат, рече министерот за шумарство.

– Во последните две недели, во пожарите во Турција изгоре трипати поголема површина од она што се уништува од пожар во просек секоја година – соопштија од Европската противпожарна агенција.

– Пожарот се прошири на термоцентралата – рече Мухамер Токат, градоначалник на Милас, додавајќи дека термоцентралата е евакуирана.

Претходно екологистите изјавија дека се загрижени за можното ширење на пожарот во складиштето за јаглен во термоцентралата.

ЕУ помага во гаснењето на пожарите на Медитеранот и во Западен Балкан
Преку Механизмот за цивилна заштита, ЕУ мобилизираше поддршка за земјите од Медитеранот и Западен Балкан кои се погодени од шумски пожари.

Од Европската комисија нагласија дека два противпожарни авиони од Франција биле испратени во погодените области на Италија, додека Кипар испратил два противпожарни авиони во Грција заедно со противпожарната бригада за поддршка на теренските операции.

Два хеликоптера за поддршка на операциите во Албанија ќе бидат испратени од Чешка и Холандија, додека Словенија испраќа тим од 46 пожарникари во Скопје и 16 противпожарни возила.

Помошта доаѓа покрај постојните противпожарни операции координирани од ЕУ во Турција и Сардинија.

Во исто време, сателитите за управување со вонредни состојби на ЕУ од системот Коперник обезбедуваат дополнителна поддршка на итните служби за координација на операциите на терен.

– Работиме деноноќно за да испратиме помош додека пожарите беснеат низ Европа. Им благодарам на Кипар, Чешка, Франција, Словенија и Холандија за брзото распоредување на противпожарни авиони, хеликоптери и тим пожарникари за поддршка на земјите што беа тешко погодени од шумски пожари. Ова е одличен пример за солидарност на ЕУ во време на потреба – соопшти Европската комисија.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com