Веќе сите добро знаеме колку консумирањето риба е здраво. Рибата изобилува со протеини и здрави масни киселини и како таква претставува извор на здравје.
А на самиот врв неприкосновено се наоѓа скушата. Зошто скушата е толку посебна?
Овој вид риба содржи голем процент на омега-3 масни киселини, дури 2 пати повеќе од лососот и поради тоа е одлична за регулирање на крвниот притисок. Богата е и со селен кој заедно со протеините создава антиоксиданти и го зајакнува имунитетот. Скушата посебно им се препорачува на трудниците поради фосфорот и магнезиумот.

Она што особено ја издвојува како намирница за совршено избалансиран оброк е фактот дека во 100 грама има само 205 калории. Од тие 18 отсто се масти и 14 отсто се протеини. Содржи повеќе и од 10 отсто од препорачаната дневна количина на калциум и е богата со антиоксиданти и витамините А и Б.
Скушата е одличен извор на нијацин, добар извор на тиамин, Б12 и рибофлавин, како и пантотенска киселина и колин.
Калциумот и витаминот Д кои се наоѓаат во скушата се многу важни за зајакнување на коските. Бета-каротенот и витаминот Е помагаат во спречување на оксидативното оштетување на клетките, а витамините од групата Б се важни за нормално функционирање на нервниот систем при што нивниот недостаток може да резултира со депресија, умор и слаб имунолошки систем.

Често можат да се чујат неосновани тврдења за штетноста на рибата поради таложењето на жива, со што се стекнува впечаток дека таа е повеќе штетна отколку корисна. Но, резултатите од истражувањето од „Harvard School of Public Health“, објавени во научното списание „The Journal of the American Medical Association“ одат во прилог на тоа колку всушност е здраво да се консумира риба.
Откриено е дека во рибата и морските плодови се наоѓа само 9 отсто од вкупната количина на полихлорирани бифенили (PCB) и диоксини присутни во храната, а околу 90 отсто во останатата исхрана како што се месото, зеленчукот и млекото.
Студијата исто така покажала дека консумирањето на 200 гр. риба неделно го намалува ризикот од смрт предизвикана од било која болест за 17 отсто и за 36 отсто го намалува ризикот од смрт предизвикана од срцеви болести.