20.8 C
Skopje
Friday, June 18, 2021

Обид на премиерот Заев за деблокада на Собранието

Најчитани вести

Премиерот Зоран Заев во понеделникот по разговорите со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоси, најави дека за денеска во 10 часот е закажана средба со претставници на Алијансата за Албанците и Алтернатива на која ќе се разговара за Законот за државјанство, но и за сите останати прашања.

Средбата, според Заев, е на барања на Алијанса и Алтернатива, а на неа ќе присуствуваат и министрите за внатрешни работи и за правда, а поканети се и координаторите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и БЕСА.

– Нека дојде и Левица ако мислат дека треба да бидат присутни. Јас ќе бидам присутен со министерот за внатрешни работи и за правда за да изнајдеме решение се со цел власта да покаже доблест и разбирање за сите барања на опозицијата кои се разумни и рационални, изјави Заев во понеделникот.

Премиерот вчера повтори дека во Владата постои волја да се најде решение за Предлог-законот за државјанство, предложен од Алијанса на Албанците и Алтернатива, кое ќе се базира на европските практики.

– Како претседател на Владата уште во четвртокот вечерта по седницата за пратенички прашања дадов насока до министрите за внатрешни работи и за правда, да подготват идеи, европски практики и да изнајдат потенцијални решенија, коишто ќе се засноваат на докази и аргументации. Нашата волја е присутна исто како и кај две опозициски партии Алијанса за Албанците и Алтернатива и верувам дека ќе најдеме решение, рече Заев, коментирајќи го барањето на двете опозициски партии на Албанците да се донесе нивниот Предлог-закон за државјанство во Собранието или во спротивно ќе ја блокираат работата на законодавниот дом.

Според Заев, треба да се најдат трајни одржливи решенија коишто нема да предизвикуваат проблем на они коишто немаат државјанства.

Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши вчера на заедничка прес-конференција со првиот човек на Алијансата за Албанците, Зијадин Села изјави дека до тој момент не добиле покана за средбата што ја најави премиерот.

– До денеска ниту јас, ниту Села не сме добиле покана од Заев за средбата. Се најавуваше, има конткати со нашиот кординатор, но не се знае точно во каков формат би се одржала и за што би се разговарало. Но, јасно е дека досега немаме покана за таква средба, рече Гаши, додавајќи дека ако добијат покана подготвени се да седнат и да разговараат.

Меѓутоа, генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари најави дека е можно оваа партија да не присуствува на средбата што ја најави премиерот Заев.

– Се сомневам дали ќе седиме и не знаеме дали треба да седиме со нив на маса. Но, повторно има партиски тела кои денеска ќе одлучуваат. Имаме сериозни дилеми дали вреди да седнеме со личност која ја менува изјавата пет пати на ден. Човекот не е сериозен и тешко е да се најде заедничко решение со него. Тоа што го ветува денес, утре не го исполнува, изјави вчера Таравари, кој е и градоначалник на Гостивар.

Од друга страна, лидерот на Левица, Димитар Апасиев изјави дека доколку добијат покана за учество на средбата, ќе ја прифатат под услов таа да се одржи во Собранието. Според него, институциите се тие каде што треба да се решаваат политичките кризи, а не како што беше досега шетање по викендици и вили.

– Сметаме дека тука треба да се решаваат споровите. Веќе покажавме дека имаме капацитет со деблокирањето на Собранието и без помош на странци да ги решаваме политичките кризи. Мислам дека во таа насока ќе продолжи утрешната средба. Доколку добиеме покана, ќе ја прифатиме под тој услов. Се уште немаме добиено официјална покана, рече Апесиев на прес-конференција во Собранието.

Апасиев истакна дека нивниот став за Законот за државјанство останува ист дека нема да го поддржат во таква формата во која што ја предлагаат Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Претседателот Стево Пендаровски вчера по седницата на Советот за безбедност изјави дека очекува на средбата да биде постигнат компромис.

– Не е добро заради еден политички предлог на опозицијата Парламентот да биде комплетно парализиран, но не е добро да немаме решение и за реалните проблеми на нашите граѓани кои со години живеат тука, а не можат да го регулираат својот престој и да ги остваруваат своите права сосема небитно колку луѓе спаѓаат во таа категорија, истакна претседателот Пендаровски.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести