17.8 C
Skopje
Sunday, July 25, 2021

Обезбедени протоколи за безбеден попис, опозицијата бара да се одложи за септември

Најчитани вести

Во тек се подготовките за спроведување на пописот во земјава што треба да почне на 1 април.

Државниот завод за статистика вели дека не е побарано негово одложување заради Ковид-19, а надлежните тврдат дека се обезбедени сите здравствени протоколи за безбедност на попишувачите. Во меѓувреме, опозицијата со писмо до меѓународни фактори бара одложување на пописот за во септември.

Државниот завод за статистика вчера ги отфрли пишувањата на некои медиуми дека бара одложување на Пописот заради состојбата со коронавирусот. Заводот информира дека забрзано се подготвува за теренските пописни активности кои се одвиваат во согласност со планираните рокови.

-Сите мерки предвидени со Протоколот донесен од страна на Комисијата за заразни болести и Владата на РМ се почитуваат и со нив се гарантира безбедноста на сите учесници во Пописот. Пописот ќе започне на 1 април 2021, соопштија од ДЗС.

Со цел обезбедување поголема безбедност на попишувачите кои ќе го спроведат Пописот на населението, надлежните подготвија и соодветни здравствените протоколи.

Министерот за здравство, Венко Филипче вчера изјави дека се подготвени и за правање тестови, и оти има капацитети да се направат и да се промени протоколот доколку има потреба.

Сепак, тој смета дека и сегашниот протокол е доволен за заштита од Ковид-19.

-Имаме капацитет да ги направиме сите потребни тестови. Меѓутоа, тоа не беше ставено во протоколот. Можеби треба да се промени. Апсолутно со сите капацитети ќе излеземе во пресрет да обезбедиме безбедност. Мислам дека самиот протокол којшто вклучува и на попишувачите и на граѓаните е сосема доволен затоа што ги прати истите принципи на превенција на болеста. Никаде каде што имаше почитување на принципите на превенција ние не видовме проблем. Само таму каде што имаше прекршување на мерките, изјави Филипче.

Според директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, пописот би се одложил само ако Комисијата за заразни болести процени дека не е безбедно тој да се спроведува.

Тој вчера изјави дека единствените кои можат да предложат одложување на пописот поради Ковид е Комисијата за заразни болести. Доколку тие оценат дека ситуацијата е таква да не може да се контролира, треба да дадат препорака до Владата за да се донесе таква одлука.

Процедурата е таква, смета директорот, и оти Комисијата одлучува за тоа, па Државниот завод за статистика во тој дел не може ништо да влијае.

– Ако даде препорака, оди во процедура, на Кризниот штаб, па на Влада. Меѓутоа за да ние евентуално одложиме треба на крајот да се промени и Законот, што значи измена на законското решение, а тоа е огромна процедура, оценува Симовски.

ДЗС ја следи целата ситуација и евентуално ако Комисијата донесе препорака и таа се процесуира, тие ќе ги почитуваат сите тие работи. Но во моментот, вели директорот, Заводот не може, а ниту има овластување да оценува што било и да бара какво било одложување.

Како што е објавено на Фејсбук страница за претстојниот Попис 2021 во Република Северна Македонија, во секое домаќинство попишувањето ќе го прави еден попишувач.

Опозицијата, пак, бара одложување на пописот за во септември, и останува на ставот дека негово спроведување во април може да предизвика ризик за здравјето на граѓаните.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера напиша писмо до амбасадорите кои го преставуваат меѓународниот фактор во земјава, во кое предлага пописот да се одложи за во септември.

Мицкоски не се сомнева во потребата од кредибилен попис, но според него, во овој момент не е време за негово одржување.

Тој во писмото наведува дека борбата против тешката епидемиолошка ситуација, во недостиг од вакцини, комбинирано со теренски попис, ќе го стави во сериозен ризик јавното здравје.

-Ние мора да сме фокусирани пред се на борбата против здравствените предизвици кои се пред нас. Откако ќе се надмине здравствената криза ние можеме повторно да се насочиме на пописот, стои во писмото од Мицкоски.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, прашања како пописот во поларизирано општество како нашето, мора да се решаваат со целосен политички консензус.

– Во оваа динамична ситуација, каде ситуацијата на терен се менува на дневно ниво, се плашам дека одиме кон уште еден голем предизвик за јавното здравје. Во оваа насока пописот би можел да создаде Ковид кластери, посочува Мицкоски во писмото.

Како дел од решението тој предлага пописот да биде одложен за септември, за да се остави време за набавка на вакцини и вакцинација на сите попишувачи.

Во меѓувреме тече првата фаза од Пописот на населението, домаќинствата и становите, со попишување на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, на дијаспората, припадниците на армијата во странство, затворениците и бездомниците. Оваа активност почна на 1 март, а ќе трае до 21 април, кога и официјално треба да заврши пописот, што ќе започне на 1 април.

Според податоците на ДЗС, до вчера изутрина, попишани се 47 794 лица од дијаспората.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести