24 C
Skopje
Friday, May 7, 2021

Обвинителска постапка со посебни потреби

Најчитани вести

Кулминацијата на аферата Рекет со апсењето на шефицата на СЈО – Јанева не тресна од земја од причини кои се повеќе идеолошки, а и правни. Секако базичните процедурални права на обвинетитот (во случајот Јанева) ќе се применуваат, како и презумпцијата на невиност. Меѓутоа тука ќе се задржиме на два клучни моменти, односно каде сме сега и што понатаму. Што ќе се случи со предметите на СЈО, дали ќе се постави В.Д. вршител на должност и сл. Прашања со кои се соочуваме на дневна база.

Испитувајќи го експериментално идеолошкиот опијат на „СЈО“ во екот на избивањето на аферата „Масовно прислушкување“ по која следеше и политичка криза која ја закочи земјата цели две години е сериозно прашање за медиумската и експертската фела. Стравот и состојбата на инфериорност на Македонецот беа основа за концептот на заробена држава односно држава со посебни потреби и во неа заробеното правосудството, каде идејата за Владеење на правото не беше ништо повеќе од мантра без некоја позначајна сериозна политичка волја за заживување. На јавноста и меѓународната јавност јасно и беше дека во Македонија институциите се дел од проблемот, а не негово решение. Создавањето на СЈО создаде, разви и искористи слика на отпор спрема заробената држава и некомпромисна борба со високиот криминал. Се постави себеси како предмет на правдата олицетворен во независна институција што ќе ја брани до последно со сите инструменти кои ги има на располагање. Кризата доживеа политичка, а потоа и правна разврска што понатаму ја дефинираа улогата на СЈО. Меѓутоа затскриено од Законот на денот, според Хегел кој го покрива законот на ноќта односно Nacht Recht, состојба на биномија каде преку ден сме обврзани со послушност и почитување на позитивните законски решенија, а ноќе во глува доба – важи законот на посилниот односно состојба на аномијата каде позиитивните норми се флексибилни и во корист на посилниот беше климаксот на аферата Рекет, што го оправдува јавниот гнев и разочараност од изневереноста во идеологија во која негогаш сме верувале. Но да бидеме прагматични – надеж има.

Првично по начинот на кој постапува обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција се покажуваат знаци на реформираност односно знаци на научена лекција од страна на СЈО. Иако критиките кон обвинителството дека заспано ја врши својата работа во однос на истрагата во Рекет беа неосновани, сепак на крај тоа е застапник на обвинението пред судот, не е ниту јавноста ниту медиумите. Првичното сослушување на Јанева беше очекувано од јавноста, меѓутоа присуството на нејзиниот „бранител“ -не. Ништо страшно – нашето процесно законодавство дозволува лице кое поседува информации за предетот или сведок да се консултира со бранител, сепак тоа е негово/нејзино право како граѓанин пред да даде исказ. Бранителот е тука да го поучи сведокот да не се инкриминира себеси, понатаму да го поучи во однос на процесните гаранции, капциозни прашања и сл. Односно на некој начин да го намали стресот. Меѓутоа за специјален јавен обивнител да има бранител кој е дел од одбраната во активен предмет на СЈО е нон сенс и ништо повеќе од конфликт на интереси и неговата улога таму е ништовна. Секако би се запрашале зошто на обвинител како Јанева би и требало бранител да ја поучи – зарем има процесни прашања кои не ги знае?

Апсењето на Јанева веќе е друго прашање кое задава дополнителна правна главоболка и тактизирање со опасност од политички прагматизам и амнестија. Прво промената на статусот од осомничена во обвинета има свои последици. Како обвинета има право да биде запознаена со случајот против нејзе, како едно од основните права за подготовка на одбраната, има за цел таа да може да одлучи како ќе постапува. Оттука, за да одговори на обвиненијата, не е доволно одбраната да биде свесна само за обвиненијата туку и за причините и за доказите врз кои тие се засновани. Ова прашање е значајно и од аспект на влијанието врз обвинетиот преку „манипулација со доказите“ или преку неизвесноста за тоа со какви докази располагаат органите. Па така, видовме дека и новиот ЗКП содржи одредби со кои значително се ограничуваат правата на одбраната во претходната постапка, а особено во текот на полициските истраги, како што е оневозможување увид во списите или разгледување докази, но тоа за друг пат. Имајќи предвид дека СЈО е монократска институција и се зависи од нејзиниот потпис, се наметнува прашањето на избор на в.д. специјален обивнител кој ќе продолжи со работа до 15 септември. Законот за СЈО не предвидува таков случај, бидејќи е скициран и гласан во друго поинакво време, меѓутоа таа правна празнина може да се пополни со сегашниот Закон за јавно обвинителство, каде би се определил од редот на обвинителите во таа институција заменик. Иако овој чекор ќе наиде на отпор во јавноста, сепак е прагматичен имајќи предвид карактерот на институција. Понатаму во однос на имунитетот на Специјалниот јавен обвинител. Спротивно на тезите во јавноста, јавните обвинители уживаат функционален имунитет. Имунитетот на јавните обвинители не е предвиден како уставна категорија, но, јавните обвинители и понатаму имаат функционален имунитет, а тоа е друго прашање кое треба итно да биде разгледано од Советот на јавни обвинители пред истекот на мандатот на сегашниот претседател. Прашањето врзано со судбината и истрагите на таа институција. Политичкиот прагматизам околу новиот Закон за ОЈО/СЈО е штетен во мера што го загрозува идеалот за правда. Трансформацијата на СЈО во редовите на „регуларното“ обвинителство не смее да биде условувана со уништување на „бомбите“ или доказите. Новото обвинителство за висока корупција треба да продолжи со работа таму каде СЈО застана, не смее со таквиот чекор да се оди на стратегијата на неказнивост односно политичка амнестија.

И за одјава, вниманието треба да го насочиме кон презумпцијата на невиност. Во светло на позитивните реформи кон отворање на судовите спрема јавноста и соработката со новинарите, како и неприкосновената улога на Судско медиумскиот совет, треба да имаме предвид дека презумпцијата на невиност се однесува и на начинот на известувањето за случајот со избегнување на сензационализам, особено од политичките партии и one man show порталчиња. Влијанието на јавноста се појави како уште еден прикриен основ според кој судот честопати одлучува дали постои потреба за примена на мерката притвор. Со оглед на големата засегнатост на јавноста, експертската јавност е на став за уште една тенденција, односно, за преоценување на потребата за воведување на овој основ во ЗКП како четврти основ за определување притвор. Сепак за оваа интервенција е рано. Дали државата ќе го положи овој тест останува да видиме.

М-р Андреј Божиновски, правен советник

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести