16 C
Skopje
Tuesday, May 11, 2021

Обвинение за Дерковски и уште тројца од ДИК за набавка на софтверот за изборите

Најчитани вести

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција денеска поднесе обвинение против поранешниот претседател на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, тројца вработени во ДИК-членови на комисијата за јавни набавки и еден управител на фирма. Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања, а обвинението опфаќа две набавки – едната е на софтверот за парламентарните избори одржани на 15 јули 2020, а другиот е за набавка на телевизори на кои требаше да ги прикажуваат резултатите од изборите.

Вредноста на двата тендери е 1.321.409 денари од кои тендерот за софтверот 900.000 денари и а за телевизорите 412.410 денари.

Според обвинението, членовите на комисијата за јавни набавки во ДИК не го почитувале минималниот законски рок за поднесување на понуди за софтверот кој го набавиле од фирмата „Дуна“.

Обвинителството тврди дека тие не утврдиле дека „Дуна“ не ги исполнува условите и не ги евалуирале правилно доставените понуди туку таа од конкретната фирма ја оцениле како прифатлива и доделиле максимален број на бодови. Врз основа на извештајот, Деркоски како претседател на ДИК без да изврши контрола на постапката за евалуација донел одлука да ја избере „Дуна“ како најповолен понудувач. Меѓутоа, постапката била поништена, а Деркоски спровел нова спротивна на препораките.

-Првообвинетиот (Оливер Деркоски) спротивно на мислењето на Бирото за јавни набавки, донел одлука за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас и притоа по негови насоки биле намалени критериумите за вреднување на економските оператори во делот на квалитет. Покани за поднесување понуди за набавка на нови и надградба на постојните софтверски решенија во ДИК биле испратени до два економски оператори и во повторената постапка повторно како најповолен понудувач бил избран економскиот оператор „Дуна“ со кој првообвинетиот потпишал Договор за јавна набавка, велат од Обвинителството.

Обвинителството тврди дека Деркоски иако бил должен, не го тестирал пред да го имплементира со цел да утврди дали се исполнети условите.

Договорот за софтверот беше потпишан на две недели пред одржување на изборите, на 29 јуни 2020. Повисоката понуда од 4 милиони денари тогаш била дадена од „Ивоте“. Во претодната постапка која била поништена исто така се јавиле овие две фирми, а откако била избрана “Дуна“, „Ивоте“ поднела жалба која била прифатена од Државната комисија за јавни набавки. „Ивоте“ имале жалба и во втората постапка, но таа им била одбиена.

За набавката на телевизори обвинет е управител на фирмата „Тардис“. Телевизорите се набавувале со цел на изборната ноќ ДИК да ги прикажува резултатите во надворешни услови, со оглед на пандемијата, а обвинителството тврди дека тендерската документација од ДИК ја изготвувале во консултации со обвинетиот управител на фирмата.

Истрагата за овој случај беше отворена во ноември лани откако на изборната ноќ падна веб-страницата на ДИК.

Кога се отвори истрагата, Деркоски тврдеше дека постапката за софтверот е законска и транспарентна и оти е избрана „Дуна“ како најповолен понудувач, додека на тендерот се јавила уште една фирма чија понуда била 4 милиони денари.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести