-4.2 C
Skopje
Wednesday, December 1, 2021

Нов силен бран на Ковид-19, расте бројот на заболени, можни се нови мерки

Најчитани вести

Состојбата се следи, засега нема нови мерки, но останува сегашната мерка полициски час од 22 часот до 5 часот. Доколку таа не ги даде очекуваните резултати не се исклучени нови рестрикции за кои Комисијата за заразни болести ќе одлучува на почетокот на идната недела.

– Се наоѓаме во екот на третиот бран на пандемијата и имаме постојан раст и зголемување на бројот на активни случаи, но засега останува сегашната мерка полицискиот час да почнува од 22 часот. Сега не е време за никакво попуштање на рестрикциите. Напротив, би имало дури и затегање на мерките некаде на почеток на следна недела, доколку ова не ги даде очекуваните резултати, рече вчера министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција со претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски.

Филипче најави дека доколку се потребни нови рестрикции, тоа ќе се одлучува на следниот состанок на Комисијата за заразни болести во почетокот на следната недела.

Во однос на тоа дали има анализа што покажува дали полицискиот час од 22 до 5 ќе даде резултати за толку брзо време, со оглед дека сме во фаза на нов силен бран на коронавирусот што многу брзо се шири, Филипче посочи дека анализите покажале оти младите луѓе што се групираат по 22 часот се главни пренесувачи на вирусот.

– Во делот на тоа како очекуваме да влијае полицискиот час, епидемиолошките анкети и анализи покажаа дека е многу веројатно оти младите луѓе кои остануваат и се групираат без почитување и по затворање на угостителските објекти се пренесувачи на вирусот и тоа се гледа и преку возрасните групи. Тоа што го детектиравме за време на претходниот бран беше дека по воведувањето одредени мерки во период од две недели беа видливи резултатите, тоа го очекуваме и сега. Ние сега сме во петтата недела и ако претходниот бран траеше шест до осум недели, тоа значи дека сме ја поминале половината и во таа смисла ги очекуваме резултатите на крајот на оваа и почетокот на следната недела, оцени министерот.

Тој повтори оти воопшто не ни размислуваат да има некакво попуштање на мерките, напротив, би имало дури и нивно затегање некаде на почеток на следна недела, доколку ова не ги даде очекуваните резултати.

– Секаде во државата, некаде повеќе, некаде помалку, има зголемување на инциденцата и трансимисијата на вирусот – две работи сметаме дека се причина за ова. Прво, непочитување на мерките и второ соевите на вирус што се полесно преносливи, потенцира Филипче.

Информираше дека во моментот има 11.889 активни случаи и раст од над 5000 активни во последниот месец, од 15 февруари до 15 март.

Филипче кажа и дека во оние градови каде во изминатите две недели имаше зголемување на инциденцата таа сега е намалена, а онаму каде што беше мирно, сега се забележува зголемување на инциденцата. Истакна и оти во Скопје има околу 1100 пополнети болнички места и дека сите ковид – центри во државава се во функција.

Сто и шестнаесет случаи на реинфекција се регистрирани во земјава заклучно со вчерашните податоци, од кои двајца се починати, информира Караџовски, кој истакна дека ова се должи пред се на непочитување на мерките, особено на оние лица кои веќе го прележале вирусот и кои сметаат дека повторно не можат да заболат.

-Будно следиме кој е процентот на јавување на оваа реинфекција, на некои 112 илјади позитивни, ако земете 116 реинфекции, тоа е 0,01 процент, што е релативно мал број на вкупниот број на позитивни, истакна Караџовски.

Појасни дека за британскиот сој карактеристично е дека 50 до 70 отсто побрзо се пренесува, веќе е верифициран во земјава, особено во поголемите градови како Скопје, Охрид, Прилеп.

-Не може на населението да му кажеме дека ако ја прележале инфекцијата дека не може да имаат реинфекција, рече Караџовски и додаде дека вирусот има повеќе од 4000 мутации.

Според вчера објавените податоци на Институтот за јавно здравје, во претходното деноночие регистрирани се нови 1293 случаи со Ковид-19, 24 починати и 339 оздравени пациенти.

Вкупно 1135 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот се лекуваат на инфективните оддели во Скопје и во болниците во другите градови, при што има околу 280 празни болнички кревети во ковид – центрите, соопшти Министерството за здравство.

Во тек е вакцинација против Ковид-19 на здравствените работници. Заклучно со завчерашниот ден се вакцинирани 5300 здравствени работници.

Институт за демократија преку Програмата за парламентарна поддршка спроведе анкета, според која половина од анкетираните граѓани изјавиле дека би се вакцинирале, а 16 отсто се уште се двоумат. Најголем дел од граѓаните, според анкетата, ја преферираат вакцината на „Фајзер”. Од друга страна граѓаните сметаат дека Владата не прави доволно за да ја адресира состојбата со актуелната криза.

На прашањето „Дали би се вакцинирале”, 50 отсто одговориле со „да”, 34 проценти со „не”, а „не знам” одговориле 16 проценти од испитаниците.

Триесет и девет проценти одговориле дека би се вакцинирале со „Фајзер”, со „Спутник” 21 отсто, со кинеската „Синофарм” шест отсто, со „Модерна” пет отсто, додека со „Астра Зенека” три проценти од граѓаните.

„Не знам” со која вакцина одговориле 27 проценти од анкетираните граѓани.

Од Институтот за демократија не наведоа на колкав број анкетирани е извршено истражувањето на јавното мислење и додадоа дека извештајот од анализата на јавното мислење за изминатата година ќе биде достапен за јавноста следната недела.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com