9.8 C
Skopje
Monday, October 18, 2021

Нов круг консултации со Софија до крајот на октомври, Скопје се надева на решение по изборите

Најчитани вести

Република Бугарија и Република Македонија до крајот на октомври ќе одржат нов круг на консултации во обид за надминување на спорот и деблокада на евроинтеграцијата на земјава.

Скопје се надева на решение по изборите во Бугарија, за што треба да помогне билатералниот протокол од 6 точки кој треба да биде готов до почетокот на ноември. Прв таргет е 14 декември кога се одржува состанок на Општиот совет на ЕУ, на кој се очекува да се донесе одлуката за усвојување на преговарачката рамка и закажување до крајот на годината на првата меѓувладина конференција.

Шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев вчера во Софија со неговиот хрватски колега Гордан Грлиќ Радман изјави дека Бугарија инвестирала многу во дијалогот со Република Македонија и очекува конкретни дејствија од Скопје за трајно спроведување на Договорот за добрососедство од 2017, како и почитување на правата на граѓаните со бугарска самосвест.

Стоев информира дека преговорите на експертско ниво меѓу Скопје и Софија течат, и оти се предадени бугарските предлози и текстови. Тој истакна дека до крајот на октомври ќе има нов круг консултации меѓу Бугарија и Македонија и доколку се постигне согласност, она што ќе биде договорено, може да биде потпишано од двајцата министри за надворешни работи. Стоев рече и дека продолжува дијалогот за ова прашање и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Претседателот на Република Бугарија Румен Радев, пак, за време на состанокот со шрфот на хрвтаската дипломатија Грлиќ-Радман, ги оцени како алармантни случаите на дискриминација и систематско кршење на човековите права на граѓаните на Република Македонија со бугарска самосвест. Тој изразил поддршка за нивната желба да бидат вклучени во преамбулата на Уставот на Република Македонија, како и на нивните очекувања за објективно одразување во резултатите од пописот.

-За нас е важно меѓу младите од Република Македонија да не се влева омраза кон Бугарите, рече Радев и даде пример со учебниците во земјата, каде што, според него, се уште има искривени толкувања на Бугарија и Бугарите.

Премиерот Зоран Заев вчера повтори дека од самитот ЕУ-Западен Балкан кај Брдо, Словенија, ниту тој, ниту ЕУ добила гаранции од Бугарија за деблокирање на процесот за членство на земјава во Унијата, но дека работните групи продолжуваат да работат и оти е можно да се најде решение доколку двете страни тоа го сакаат.

– Верувам дека би дошле до усогласени текстови, би се решило тоа прашање, затоа што тоа се решливи прашања односно ќе кажам едноставно е, дека краткото име е исто со долгото име, Македонија е исто со Република Македонија, дека немаме територијални претензии спрема ниту еден од соседите, ни спрема Република Бугарија, рече Заев во одговор на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.

Тој посочи дека Бугарија е членка на ЕУ и ЕУ без една земја не може да донесе одлука. -Убеден сум дека разумноста на политичарите надвор од изборни процеси, во мирни води, во постабилно време ќе преовлада и ќе надвладее за да можеме да испишеме убава историја, која што ќе им ја оставиме на младите, и на децата, и на идните генерации, истакна Заев.

На прашање за декларацијата од Македонци во Бугарија во која бараат да се запре со непринципиелните компромиси со оваа земја, премиерот Заев истакна дека ниту е европски, ниту е исправно да се мешате во внатрешните работи на другите земји.

– Не е европски, ниту е добрососедски, ниту е пријателски ние да се инволвираме во тоа што се случува во Бугарија, ниту пак сакаме некој да се инволвира кај нас, рече Заев.

Тој додаде дека и нашиот Устав вели дека земјава не треба да се меша во внатрешните работи на другите земји, а, тоа, нагласи, го кажува и Договорот за добрососедство каде исто така е преземена обврска за немешање во внатрешните работи на Бугарија. Барањето од Бугарија за вметнување на бугарската етничка група во нашиот Устав не го доживува како мешање во нашите внатрешни работи. Тоа, рече, е право на секоја земја да побара, како што е наше право да одлучиме дали ќе го направиме тоа.

-Исто така, право на Бугарија е, како што е наше право овде, дали ќе излезе во пресрет на Декларацијата која што ја објавуваат тамошни граѓани, граѓани на Република Бугарија за одредени свои ставови или сугестии. Ако навистина сакаме да бидеме европејци, треба на европски начин да ги разгледуваме работите, Заев.

За Европската Комисија издавањето бугарски пасоши за Македонци е внатрешна работа во која таа не се меша, јави дописничката на МИА од Брисел.

МИА побара одговор од Европската Комисија откако бугарскиот претседател Румен Радев се повика на македонските граѓани со бугарски пасош и се произнесе за неговите очекувања за исходот од пописот во Македонија.

Европска комисија

Додека Европската Комисија стои на ставот дека ниедна земја членка не смее да се меша во внатрешната политика на други земји, членки на ЕУ или не, таа нема став за механизмот на издавање бугарски пасоши за Македонци.

-Натурализациите за кои прашувате не се поврзани за доделување државјанство преку инвеститорски шеми, така што, како што рековме и претходно ова е билатерално прашање, изјавија од портпаролската служба на Европската Комисија на прашањето на МИА.

Земјите членки на ЕУ, велат од Европската Комисија, имаат свои внатрешни правила за доделување државјанство на граѓани од трети земји доколку тие исполнуваат одредени услови на интеграција и можат да докажат автентична врска со земјата во која добиле државјанство.

Бугарскиот претседател Румен Радев од самитот во Брдо минатата недела порача дека Македонија треба да ги исполни своите обврски од Договорот за пријателство со Бугарија и ја потенцира потребата од јасни законски гаранции дека Скопје ќе ги исполни тие обврски пред Софија да го укине ветото за почеток на преговорите.

– Очекуваме билатералниот протокол од 6 точки да биде готов до почетокот на ноември. Во протоколот има решенија кои треба да се исполнуваат во целиот преговарачки процес. Мене ме интересираат обврзувачките работи што треба да бидат завршени до почетокот на преговорите, за да кажеме „да”, рече тогаш Радев.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи во врска со патоказот со пет плус едно прашање, кој како можно решение за спорот на самитот во Брдо беше споменат и од високите претставници на Унијата појасни дека тој ги вклучува: прашањето на краткото име, прашањето на говорот на омраза, рехабилитација на жртви на комунизмот, работата на историската комисија, прашањето на немешање во внатрешните работи на Република Бугарија а како шеста точка е прашањето за вклучување на Бугарите во Уставот. Овие точки се постојана тема на разговорите со Бугарија и во рамки на обидот за одржување на меѓувладината комисија и надминување на спорот со цел тргање на блокадата.

Локалните избори во Македонија се закажани на 17 октомври, а претседателските и предвремените парламентарни избори во Бугарија на 14 ноември годинава.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com