На повидок е уште еден кошаркарски гигант во нашата земја. По три сезони во кои игра значајна улога и завршува меѓу трите најдобри екипи во македонскиот шампионат, КК Пелистер во иднина ќе биде уште посилен.
Имено, КК Пелистер ќе добие генерален спонзор во текот на следната недела и значително ќе го зголеми буџетот и амбициите. Сите детали за соработка со голема битолска компанија се договорени се очекува в среда на седница на советот на Општина Битола да се изгласа проектот и кошарката да тргне по стапките на ракометот, кој со години е битен фактор во нашата земја, а годинава слави титула.
Општина Битола е единствен акционер во КК Пелистер и влегувањето на новиот спонзор ќе биде силен исчекор и за клубот и за тимот. Пелистерци денес ја почнуваат финалната серија против МЗТ Скопје, во која ќе се обидат да го изненадат фаворитот од Аеродром.
Следната сезона клубот од Битола ќе игра во АБА2 лигата, а има за цел и организационо да се издигне и да биде клучен фактор во македонската кошарка во годините кои доаѓаат.