Лингото е историската фабрика на Fiat во Торино, што сега одбележува стогодишина. На покривот се наоѓа тест-патека, чијашто форма ќе послужи како мустра за кокпитот на идните модели.
Во кокпитот на идните модели на Fiat ќе се користи дизајнерска шема што се раководи според препознатливите форми на фабриката во Торино, вклучувајќи ја прочуената патека на покривот на фабричкото здание, на којашто своевремено се тестираа и развиваа бројни култни модели на италијанската марка.
Најголемиот италијански производител на автомобили, Fabbrica Italiana Automobili di Torino, односно тоа што цел свет го познава како FIAT, на 22-ти мај одбележа стогодишнина од отворањето на некогаш главната фабрика во Торино. Лингото беше главен индустриски центар во Италија. Во фабриката одамна не се произведува. Таа денес е своевиден историски центар, од каде што честопати произлегуваат нови идеи и инспирации.
Во Fiat ценат дека Лингото е местото во коешто историјата се спојува со иднината. Во раните денови на фабриката, одушевувачката архитектура на зданието и неговите посебности, претставуваа своевиден манифест дека FIAT е подготвен за предизвиците на новиот, 20-ти век. Денес, Лингото повторно е манифест за иднината, но сега за 21-от век.
Во видеото во чест на прославата, „Shaping the Future“, извршниот директор на Fiat и директор за маркетинг на целиот концерн Stellantis во светски рамки, Оливие Франсоа, открива неколку детали за новите модели на Fiat, што ќе почнат да пристигаат од 2024 година.
Франсоа цени дека „Лингото и патеката се толку познати знаменитости, што заслужуваат да прераснат во дизајнерски маркери“. Дизајнерите на италијанската марка се инспирираа од тие форми, за обликувањето на идните модели на Fiat. Меѓу знаменитостите, секако е главна тест-патеката на покривот на фабриката, а ќе се користи и „рампата“, што беше револуција во 1920-те години.
При дизајнирањето на кабината се почитуваат две главни начела: Помалку материјал, повеќе простор. Овалната форма на „La Pista 500“ ќе биде присутна на неколку места во внатрешноста на идните модели. Фасадата на фабриката, односно леснотијата на градбата што ја создаваат прозорците на Лингото, исто така ќе се воочуваат во кабината на новите модели.
Лингото доби нова намена во 1980-те години, кога премина во сопственост на градот Торино, заедно со прочуената уметничка колекција на Џовани и Марела Ањели. Во рамките на објектот влегува и La Pista 500, како најголема висечка градина во Европа. Дел од спектаклот претставува и Casa 500, којашто италијанскиот производител ја опишува дека е „повеќе од музеј“.
Џиневра Елкан, претседателка на Пинакотека Ањели, ја раскажува семејната приказна: „Денес е посебен ден: Лингото беше отворен официјално од мојот прадедо, пред точно 100 години. Корбизје има кажано дека ‘тоа е една од најимпресивните глетки што некогаш била понудена од индустријата’. Во 1980-те години баравме нова намена, и тогаш мојот дедо реши да го претвориме во денешната форма: продавници, канцеларии, хотели и култирни центри, центрирани околу уметничката мисија на Пинакотека Ањели.“
Лингото денес е меѓу најпосетените знаменитости во Торино.