4.8 C
Skopje
Wednesday, October 20, 2021

Новинарството меѓу најопасните професии

Најчитани вести

Годишниот извештај на „Репортери без граници“ за 2019 година евидентирал дека најмалку 49 новинари и медиумски професионалци се убиени низ светот, што јасно укажува дека новинарите и натаму се цели на напади, а новинарството се вбројува меѓу најопасните професии. Во анализата на „Репортери без граници“, во која не е спомната Македонија, пишува дека и покрај убиството на 49 новинари годинава, сепак, бројот на згаснати животи на медиумските работници на светско ниво е во намалување, споредено со последните 16 години. Повеќе од половина од новинарите што го загубиле животот оваа година, настрадале најмногу во Сирија, Мексико, Авганистан Пакистан и во Сомалија.

Во моментов, според невладината организација, има околу 400 новинари што се наоѓаат во затворите низ целиот свет, а речиси половина од нив се во три земји и тоа Кина, Египет и Саудиска Арабија.

– Само 120 новинари има во затворите во Кина. Повеќе од 40 проценти од нив се аматерски новинари, кои и покрај зголемената цензура, се обидуваат да шират информации преку социјалните мрежи – пишува во извештајот.
Коментирајќи го последниот документ на „Репортери без граници“, претседателот на Здружението на новинари од Македонија Младен Чадиковски, во изјава за „Нова Македонија“, вели дека состојбата во земјава со медиумските работници ни малку не е сјајна.

Според Чадиковски, иако безбедноста на новинарите во државава бележи значителен напредок, во исто време имаме многу мал број казнивост во случаите кога се нападнати новинарските работници. Тоа, според него, не ја подобрува ситуацијата дома и ги зголемува ризиците при работа на медиумските работници.

– Добро е што имаме помалку убиени новинари во 2019 година на светско ниво од она што се случуваше во 2018, 2017 и општо во минатото. Сепак бројката од 49 засекогаш замолчени новинари е застрашувачка информација и тоа покажува дека степенот на неказнивост за нападите на новинарите и медиумските работници сѐ уште е голем и е во пораст. Тоа, пак, дава лоши показатели за сите овие меѓународни организации што се занимаваат со истражувања за состојбите и работата на медиумската фела – вели претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски.

Во однос на Македонија и состојбите во новинарството кај нас, Чадиковски коментира дека, за жал, многу е мал степенот на казнивост од страна на институциите за нападите и насилството врз новинарите.

– Што се однесува до Македонија, ние, за среќа, не сме на таа листа, но сепак и покрај сѐ се забележуваат константни напади и притисоци на новинари при извршување на нивната работа во земјава. Иако годинава имаме помалку во споредба со минатите години, а тоа пред сѐ се должи на послободната клима што влијае во општеството, состојбата ни малку не е розова. Но и покрај сите напади врз новинари, кои во земјава многу тешко имаат судска разврска, апелирам до институциите на системот да бидат поагилни и да направат сѐ во иднина да се спречуваат какви било физички напади на лицата што се занимаваат со оваа професија. Во тој дел ЗНМ во периодов има и сопствена иницијатива, преку која се побарува во Кривичниот законик нападот врз новинар да се смета како напад врз службено лице. На тој начин преку оваа иницијатива мислам дека ќе се намали степенот на насилство врз новинарите, но и ќе се подобри казнивоста врз напаѓачите во земјава – вели Чадиковски.

Инаку, меѓу другото во извештајот се наведува дека, иако бројот на смртни случаи е опаднат, во исто време има пораст на бројот на затворени новинари на светско ниво.
– Во светот, на почетокот на декември годинава, 389 новинари се наоѓаат зад решетки поради својата работа. Тоа е околу 12 отсто повеќе од минатата година. Најголемиот број од нив се во Кина. Таму бројката на затворени новинари во рок од една година се удвои – од 60 на 120 – се вели во последниот извештај на „Репортери без граници“.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com