Колку и да звучи чудно на прв поглед, тоа е вистина, а кога ќе размислите малку во контекст на гео – политичките збиднувања и воената операција на Русија во Украина – јасно е зошто е тоа така…
Марката Voyah, која е претставена со два модели на рускиот пазар, според бројот на продадени примероци во тековниот дел од 2023 година, го надмина германскиот Audi, кој минатата година се повлече од соодветниот пазар, веднаш по лансирањето на офанзивата (воената операција) против Украина.
Истражувањето на пазарот, при што произлегоа наодите, го изврши аналитичката компанија Автостат (Avtostat), врз основа на податоци од сообраќајната полиција, кои говорат за бројот на новорегистрирани патнички автомобили.
Ако се знае дека во минатогодишниот компаративен период во Русија се испорачани само 27 кинески автомобили (од оваа марка), тогаш може да се каже дека овогодинешната продажба е зголемена за повеќе од три пати.
Премиум кинескиот бренд Voyah испорача 140 автомобили во Русија во првите два месеци од тековната година, додека Германците претставени преку брендот што во логото има четирите прстени продадоа 81 примерок во јануари и февруари.
Како што рековме, во понудата има два модели на Voyah, crossover моделот Free и MPV под име Dream.
Првиот е достапен како електричен модел и како сериски хибрид.
Верзијата со батерии има погон од 488 коњски сили и батерија која обезбедува околу 500 километри автономија пред да треба да се наполни.
Хибридниот crossover модел е опремен со дуо електрични мотори со вкупна моќност од 693 „коњи“ како додаток на бензинска единица која додава 108 „коњи“, но кои не се испраќаат до тркалата, туку се користат за производство на електрична енергија за батерија.
Во оваа модификација ќе може да се смета на домет од 674 километри.
Миниванот Dream е придвижуван од слично дизајнирана погонска единица со 393 коњски сили.
Бензинскиот мотор во ова возило работи и како генератор, додека автономијата на миниванот е поимпресивна и достигнува до 750 километри. Овој модел е испорачан на рускиот пазар пред точно два месеци и се нуди во основниот пакет по цена од 94.350 евра.
Значи, сè на се овие кинески возила во ниту еден случај не се евтини, далеку од тоа.