16.8 C
Skopje
Sunday, October 2, 2022

Не провоцирај, не предизвикувај, не зборувај – молчи

Најчитани вести

Социјалните медиуми станаа едношалтерски систем за многумина; следење на актуелните настани, озборувања на познати личности, списание, алатка за развој на бизнисот и, што е најважно, светилиште каде што секој, ама баш секој требаше да може да ги изрази своето мислење и став без цензура или ограничување. За корисниците беше важно да можат да ги користат социјалните медиуми како безбедно засолниште и да не се чувствуваат дека ќе бидат демонизирани поради искажувањето на нивните ставови сè додека тоа не го прават на начин друг да се чувствува загрозено. Велат полесно е да се каже отколку да се направи. Дали сајтовите на социјалните медиуми најдоа разумен компромис, давајќи им на корисниците платформа безбедно да ги изразат своите ставови без страв од казна? Не верувам.
Јас сум од оние што веруваат дека слободата на изразување, сама по себе, е основата на човековото постоење. Слободниот говор е суштински дел од демократската култура и институции и широко разбран напредок. Понекогаш кога ќе видам што сѐ се цензурира на социјалните медиуми, ми текнува дека идејата зад нивното постоење беше слободен говор за сите, што значи дека секоја перспектива, и од позитивна и од негативна страна, дозволено е да има глас. Но реалноста се измени. Се блокираат постови на луѓе без причина, се бришат видеа што на никаков начин не се заканувачки или „контроверзни“ и се фаворизира униформно мислење, додека се отстранува сѐ што ѝ противречи на новонаметнатата глобална вистина. Гледам дека цензорите се однесуваат на непредвидлив, произволен и каприциозен начин, присвојувајќи го монополот на вистината за да служат како крал филозоф над говорот и дебатата. Да размислуваа што прават, ќе знаеја за целосниот неуспех на претходните режими на цензура, кога се направи обид да се стават куп (главно прогресивни) паметни луѓе во просторија за општествено инженерство на пазарот на идеи. Еден таков режим го живеевме во неговата најбрутална форма до пред некое, не толку далечно време.

Знаете што ме фасцинира во оваа држава. Кога довчерашните „комсомолци“ стануваат проамериканизирани зомби. Кога заштитниците на човековите права ја поддржуваат и се грижат за цензурата на слободната мисла во општеството. Ме фасцинира кога гледам како овие нововерци во човековите права се крстат на олтарот на демократијата, палејќи ги старите свеќи на комунистичкото сфаќање на слободата. Ме фасцинира дебилизмот на онаа армија цензори на социјалните мрежи што мислат дека на пазарот на идеи нивните се единствено валидни и општоприфатени. А не знаат дека софтверот на силиконската долина, за технократска цензура со бета-тест, не успеа. И дека цензурата на социјалните медиуми ги трпи истите недостатоци во својот код од времето пред нивното постоење. За жал, не гледаат дека е време да го повлечат својот производ. Мислите дека знаат кои се причините зошто не постои категоријата „говор на омраза“ во американскиот устав; зошто не постои функционална дефиниција широкоприфатена за него? Или зошто неутралноста на гледиштето е белег на јуриспруденцијата со Првиот амандман во САД? Арно ама кога си во симбиотска врска со власта, лесно е да си глуп и необразован. Да си практикуваш цензура на слободниот говор и да промовираш дегенерирани идеи, забранувајќи спротивставени мислења.

Затоа кај нас толку лесно се казнува за слободно изразена мисла, се повикува во полиција за изразен став, се кодошат поединци на институциите задолжени за заштита на правата за мислења изразени на социјалните мрежи, се сатанизираат обични граѓани за изразен став и мислење. Гледам како тивко се убива слободната мисла и се враќа вербалниот деликт од социјализмот во посурова и порудиментирана форма. Од политичари до џендер сензитивни, сите во лов на неистомисленици. Човековите права ги направија пародија на демократијата, наместо нејзин чувар. Нема што да размислувате, а најмалку да имате став за абортусот, имиграцијата, религијата, родовите транзиции или самиот пол, или историски мислења или нешто политичко општо. Па, така, стигнавме и до казнување за неотстранување коментар што повикувал на „продолжено поттикнување и инструкција за дискриминација“.

Сигурно не е прифатлив ваквиот начин на инструментализација на „прифатливите граници“ на слободниот говор за да ги замолчат противниците со етикетирање на нивните ставови како „опасни“, „екстремни“ или „недостига воздржаност“. Што е следно – ќе забрануваат да си мислиме по дома? За секое тешко животно прашање, особено оние на кои не може објективно да се одговори со рационален или емпириски процес, цензорите ќе наметнуваат догматизирано мислење и став што лесно треба да се проголта, обвиткан во ветувања за сигурност. Нивната цензура не е ништо повеќе од наметната догма, која дава само лажно чувство за значење. И ништо повеќе. Толерантно нетолерантните непорочни чувари на вистината се обидуваат да наметнат говорен и мисловен код што се шири како вирус на социјалните мрежи, потиснувајќи го уставно заштитениот говор. Од нас зависи дали ќе го прифатиме и ќе се потчиниме. И потоа се чудам зашто повторно го добивам она морничаво чувство за дежа ви.

Автор:Проф. Звонимир Јанкулоски

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com