30.8 C
Skopje
Sunday, July 25, 2021

Не помина интерпелацијата за Спасовски

Најчитани вести

Пратениците со 60 гласа „против“, 11 „за“ и без ниту еден воздржан вчера не ја прифатија интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поднесена од Алијанса за Албанците и Алтернатива, а поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратенците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија 39-та седница, откако не беа ставени на листата за обраќање поради задоцнето доставување до претседателот на Собранието. Своја листа не достави ниту СДСМ. Опозицијата неставањето на пратениците на листата на говорници го оцени како обид на власта за нејзино замолчување.

Иницијаторите на интерпелацијата бараа одговорност од министерот Спасовски за, како што наведоа, бегството на Никола Груевски и Сашо Мијалков, но и за случаите со давањето македонски пасоши на меѓународни криминалци и за лицата со двојни матични броеви. Барањето за интерпелација за Спасовски на почетокот на седницата го образложи пратеникот на АА и Алтернатива Халил Снопче, кој кажа дека и покрај тоа што Мијалков е во притвор, самиот случај со неговото бегство, потоа појавувањето после тоа и реакцијата на властите, издавањето на пасоши на криминалци и други случаи, се причина за заминување на Спасовски од Владата.

Пратениците од СДСМ, пак, во текот на дебатата истакнаа дека интерпелацијата е апсурдна, непотребна, беспредметна и избрзана за, како што велат, најуспешниот, најтранспарентниот и најпринципиелен министер во Владата. Нагласија дека Спасовски уште од неговото доаѓање на функцијата покажа како системски се решаваат проблемите во ресорното министерство кои, како што рече, со години пред него беа акумулирани. МВР, според нив, покажа дека нема селективен пристап и дека без разлика дали се работи за високи полициски службеници или останати други луѓе кои имаат овластувања, одговорот е еден и единствен – секој ќе одговара за стореното. Сметаат дека МВР под раководство на министерот Оливер Спасовски во целиот изминат период покажува работа во нагорен правец, зголемена доверба кај граѓаните, двојно дури и повеќе.

Спасовски, реплицирајќи им на пратениците, потсети на досега реализираните проекти, како реновирања и санирања на полициски објекти во 2020 година, само за четири месеци. Посочи на целосното реновирање на аеродромската база Петровец, која како што рече, никогаш не била направена. Ги наведе реконструкциите на полициските станици во Гевгелија, Кавадарци, Крива Паланка, градба на ново стрелиште во касарната Илинден за Единицата за специјални задачи, набавка на пловни објекти првпат по 20 години за заштита на водените граници на Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро. Првпат исплатена бонус плата за 2017, 2018, 2019, а се планира наскоро да се исплати и за 2020 година. Спроведување обуки, донесен етички кодекс, набавка на мобилен систем за снимање со камери или боди камери, се само дел од проектите што ги наведе Спасовски.

Во однос на обвинувањата дека граѓаните немаат доверба во МВР, Спасовски информира дека во 2020 година во споредба со 2019 година има зголемување за 59 отсто на ефикасноста на полицијата, намалување на класичниот криминал за 9 отсто, намалување на убиства за 59 отсто, намален број на разбојништва за 18,8 отсто, зголемена ефикасност за пет проценти, намалување на прекршоци од јавниот ред и мир за 12 отсто, намален број на жртви во сообраќајни несреќи за пет отсто.

Сузбиени се 13 криминални групи со 71 физичко и две правни лица, недозволена трговија со дрога – сузбиени се шест организирани криминални групи со 24 лица, три криумчарења на мигранти, сузбиени три криминални групи со 22 лица, корупција – сузбиени три групи во кои дејствувале 14 физички лица и две правни лица, тероризам – сузбиена единаесетчлена терористичка организација, пронајдена поголема количина на оружје, муниција и експлозив.

Во делот на корупција, наведе три криминални организирани групи, пријавени 14 физички лица и две правни лица, документирани 97 кривични дела, од кои кривично има пријавени 161 лице или вкупно причинета материјална штета од 100 милиони денари. За високата застапеност на коруптивните злоупотреби рече дека има кривично пријавени високи функционери, раководители, јавни службеници…, а најголема детекција во образованието, државните органи и претпријатија и јавните институции.

Спасовски од пратенциите од парламентарното мнозинство побара кога ќе одлучуваат за интерпелацијата тоа да го направат по нивна совест врз основа на она што е сработено и на презентираните факти.

– Ако сметате дека тоа не е доволно, Ве молам да ја поддржите интерпелацијата на Алијанса да ме ослободите од позицијата министер, а доколку не сметате според вашата совест дека ова е исправно, тогаш само ќе ви ветам дека и од утре натаму ќе продолжиме уште посилно, уште попосветено да работиме заеднички во интерес, а Ве повикувам и вас почитувани пратеници на опозицијата приклучете се заедно да направиме нешто добро за нашата Македонија – нагласи Спасовски во обраќањето.

За да бидете одговорни во политиката, порача, треба да бидете овде, да дебатирате и да ги кажувате аргументирано своите ставови. Тоа, како што рече, не се случи со ВМРО-ДПМНЕ и мене не ме изненадува. Од оваа дебата, според него, може да се извлечат многу поуки за тоа како да се продолжи подобро во наредниот период, што е тоа што треба заеднички да се преземе и да се види каде има пропусти во системот

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести