1.8 C
Skopje
Saturday, February 4, 2023

Неуспешни обиди да се патува со истечен пасош

Најчитани вести

Истечените пасоши немаат никаква важност за странските цариници, иако Владата донесе одлука да го продолжи рокот на важност до крајот на годината, поради пандемијата.

Охрабрени од ваквата најава десетици македонски граѓани тргнаа надвор од земјата, но беа принудени да се вратат назад. Некои пак, кои си купиле авински билет за подалечните дестинации не успеале да го напуштат ниту аеродромот. Изреволтирани од неуспешното спроведување на оваа одлука, неколкумина наши читатели се пожалија до нашата редакција.

– Тргнавме на одмор во Грција. На мојата сестра и е истечен пасошот, но бидејќи не успеа да добие термин за сликање за нов пасош се охрабри да патува со стариот. При излез од Македонија никој не ни направи проблем, но при влез во Грција на сестра ми и беше кажано дека не може да го продолжи патувањето, по што ние продолживме а таа се врати назад, објаснува Магдалена од Скопје и прашува зошто Владата си поигра на ваков начин со граѓаните ширејќи ја информацијата дека може да се патува со истечен пасош.

Слична информација сподели струмичанец кој требало од Германија да стигне во Македонија.

– Најмногу се лутам на самиот себе бидејќи поверував дека е можно со истечен пасош да се патува. Купив авионски билет за да се вратам во Македонија, немав дојдено подолго време поради пандемијата, но не успев да го напуштам аеродромот, ми беше кажано дека со неисправен документ не можам да патувам, вели Мите од Струмица.

Зошто се појавуваат вакви непријатни ситуации прашавме во Министерството за надворешни работи, од каде што ни одговорија дека одлуката да се продолжи рокот на важност на шпасошите била со најдобра намера, но сепак има држави кои потешко се адаптираат на овие промени и ваквите исправи не ги третираат во целост соодветно со измените на законот.

– Преку дипломатската мрежа известени се сите државни власти на сите земји од светот. За жал, и покрај сите напори што постојано Министерството за Надворешни Работи ги вложува, сепак има држави кои потешко се адаптираат на овие промени и ваквите исправи не ги третираат во целост соодветно со измените на законот. Прашање е на државите дали тоа наше известување ќе го прифатат или не. Добивам информации дека некои држави сепак бараат пасоши со валиден рок на важност. Можам да кажам дека разговараме со претставници на државите, и ако сепак не успееме да добиеме разбирање, ние ќе испратиме наши екипи во сите држави каде што има наши сонародници кои се заглавени на некој начин поради истечените пасоши, да ги фотографираат и да им издадат пасош. Ова беше еден обид да олесниме таму каде што можеме, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Од МНР апелираат до граѓаните кои живеат во Македонија да не патуваат во странство со истечен пасош.

– Ги информираме сите граѓани дека најсигурниот начин за патување во странство е со патна исправа на која не ѝ е истечен рок на важење.Ги повикуваме сите наши државјани што живеат на територијата на Република Северна Македонија да се обратат навремено до Министерство за внатрешни работи, како единствена надлежна институција за издавање патни исправи во земјава, и да побараат навремено издавање на соодветни патни исправи, како единствен сигурен начин за патување во странство, велат од МНР.

Од МВР велат дека нема недостаток од термини за поднесување на документи за патни исправи.

– Обрасци има во доволен број и редовно се закажува за аплицирање. Што се однесува до презакажаните граѓани кои веќе имаа закажан термин во периодот од 23, 24 и 25 јуни, и во презакажаните термини си го остварија правото за аплицирање за лични документи односно подигање на готови, токму во тој период беше реализирана завршната фаза на миграција на податоците на новиот, надградениот систем, токму со цел за да може да започне процесот на издавањето на новите документи согласно Уставот и Законот за употреба на јазиците, велат од МВР.

И премиерот Зоран Заев денеска денес до службите упати писмено барање за издавање дипломатски пасош. Тој најави дека ќе биде првиот граѓанин што ќе аплицира.за нов пасош со името „Република Cеверна Македонија“.

Инаку, од денеска стартува издавањето на новите патни исправи, коишто ќе бидат усогласени со Уставот, во делот на новото уставно име и со другите законски прописи, во смисла на имплементација на Законот за употреба на јазиците.

Личните документи (патни исправи, лични карти и возачки дозволи) кои го содржат натписот „Република Македонија“ ќе важат до истекот на рокот на важење кој е наведен во документот, а најдоцна до 12 февруари 2024 година.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести