10.8 C
Skopje
Friday, October 22, 2021

„Непопустливите“ – приказната на жените во политиката на „Бонската република“

Најчитани вести

„Политиката е премногу значајна за да може да им се остави само на мажите“. Оваа изјава на германската социјалдемократска политичарка Кете Стробел е мотото на еден извонреден германски документарен филм, чија премиера се одржа на 16-ти август во Берлин. Се работи за филмот со многузначен наслов – „Непопустливите“.

На германски, „Die Unbeugsamen“. Торстен Кернер (Torsten Körner) е режисерот и сценаристот на филмот кој ја раскажува приказната за жените во германската политика од основањето на СРГ до германското обединување. На премиерата во Берлин беа присутни протагонистките, дванаесетте политичарки од различни партии, кои со своето учество во политика во Бон го трасираа патот на кој по обединувањето во Берлин на сцената застана првата германска канцеларка, Ангела Меркел. Таа ја отвори премиерата истакнајќи дека овие храбрите бонски политичарки придонесоа да се оствари рамноправноста на жените и мажите, зацртана во германскиот устав. И покрај тоа, истакна таа, ангажманот на жените во политиката, како и во другите области во општеството, и денес не е лесен. Во триесетте години откако Берлин стана политичкиот центар, „Бонската република“ доби еден „идиличен привид“, затоа што во Бон по војната беа поставени темелите на демократијата. Филмот „Непопустливите“ покажува дека реалноста во политиката беше далеку од идила. Жените во Бон мораа да се борат со силниот отпор на мажите во Бундестагот, кој од формирањето на СРГ беше небаре „машко царство“. Сè до деведесеттите години бонската политика се доживуваше себеси како машки домен.

Госпоѓа министерка

Според една ТВ-реклама од шеесеттите, двете „животни прашања“ на жената биле што да облече и што да зготви. Затоа не зачудува што првата министерка беше избрана дури 1961-тата, иако во Бундестагот и дотогаш имаше политичарки. Само што тие беа небаре невидливи за политичарите на врвот. Како Конрад Аденауер, кој долго одбивал да постави жена на министерска функција. Првата министерка, Елизабет Шварцхаупт, во неговата влада „за утеха“ го добила новиот ресор здравство. Се раскажува дека Аденауер на седниците и понатаму се обраќал со „meine Herren“, велејќи и‘ на единствената жена дека во „владата и таа е господин“. Употребата на именката од женски род, министерка, многу пратеници ја сметале за навреда. Кога и медиумите не знаеле како да и‘ се обратат, таа спокојно им одговарала: „Со г-ѓо министерке, како што пропишува граматиката!“

„Моќта не е женска“

Ренате Шмит (СПД), која од 2002-та до 2005-тата беше министерка во владата на Герхард Шредер, во филмот вели дека долго „се сметало дека моќта не е женска“, меѓутоа нејзе и‘ било јасно дека мора да има моќ за да ги оствари своите цели. И други млади жени во седумдесеттите го пробиваат патот во политиката со тоа што самите ги менуваат условите за работа. Таква политичарка беше познатата Ингрид Матеус-Мајер, која на 26 години во седумдесеттите во ФДП стана шеф на „младите либерали“. Со себе во канцеларијата ја носела и малечката ќерка. Во архивскиот материјал во филмот еден новинар ја прашува „дали смета дека е нормално таа да врши таква функција“.

Овие силни, решителни и харизматични жени во бонската политика, кои во филмот се во седмата и осмата деценија од животот, укажуваат дека бонската демократија не беше докрај остварена, затоа што во неа долго жените беа луѓе од втор ред. За да постигнат успех во политиката, тие мораа да бидат истрајни и непоколебливи, цврсти не само во вербатата во себе и во своите визии, туку и со оглед на шовинизмот на политичарите кон нив. Затоа тие мораа да бидат многу подипломатични од мажите во политиката, истакнува во едно интервју режисерот Торстен Кернер. Тој вели дека тие жени често биле поелоквентни од своите колеги. Тие имале извонредно академско образование, а често говореле и по неколку странски јазици, што не било случај со политичарите. Иако нивниот пат во бонската политика бил често трнлив, овие жени своите колешки во политиката не ги доживувале како конкуренција, туку биле солидарни со нив.

Зелените и „тектонските потреси“

Кога партијата на „Зелените“ 1983-тата освојува 5,8 проценти и со тоа влегува во Бундестагот, во бонската политика почнуваат „тектонски потреси“, кои напати се многу вознемирувачки за дотогашната машка политичка идила. Фракцијата на „Зелените“ во Бундестагот има женски одбор. Тоа е прочуениот „Феминат“, во кој се шест млади жени. Нивниот изглед е спротивен на конзервативниот изглед на политичарите во Бундетагот. Политичарките на „Зелените“ имаат долга коса и носат шарени фустани, фармерки и широки џемпери, кои често самите ги плетат, неретко и на седниците во Бундестагот. Најголемиот број од овие млади политичарки имаат искуство во движењето за мир, во борбата против наоружувањето, во феминистичките заложби за родова еднаквост. Во филмот со архивски материјал е документиран говорот на пратеничката на „Зелените“, Валтрауд Шопе, која бара од Бундестагот жените да бидат законски заштитени од брачното насилство и од машкиот шовинизам, со тоа што ќе им биде признаено правото да одлучуваат самите за своето тело.

Таа на крајот бара да се прекине со „секојдневниот сексизам во Бундестагот“.Во редовите на пратениците седат прочуени германски политичари и идни канцелари, како Герхард Шредер. На нивните лица се чита неверица и шок поради дрскоста на „новите пратенички“. Тие извикуваат гласно навреди и потсмев на адреса на Валтрауд Шопе, со што само го докажуваат „секојдневниот сексизам“ во Бундестагот за кој таа говори. Неколку од поранешните политичарки за таквите дебати во Бундестагот сведочат дека мажите ги доживувале како шок, небаре жените да ги турнале од тронот, затоа што дотогаш тие се доживувале како „малечки германски кралеви“. Криста Никелс, некогашната млада пратеничка на „Зелените“, вели во филмот дека дури и во осумдесеттите за најголемиот број луѓе во бонската политика не било замисливо жена да биде изабрана за функцијата канцеларка. „Да мораа да избираат за кацелар меѓу најдобрата од сите жени во општеството и некој ‘глупав Август’, тие ќе го избереа ‘глупавиот Август’“, раскажува таа.

Амбивалентен однос кон жените

Во 1976-тата година жените биле застапени во Бундестагот со 10%. Канцеларката Ангела Меркел укажува во својот говор на премиерата на филмот дека процентот на жените во Бундестагот во последните години се намалува. Тој денес изнесува само 31%.

После 16 години канцеларство на Ангела Меркел, која политичкиот живот не го започна во СРГ, туку во ДДР, и во берлинската република односот кон жените во политиката делумно е уште амбивалентен. Тоа го докажува и актуелната предизборна кампања, во која за канцеларската функција во трка е и една млада жена од генерацијата на ќерките на некогашните храбри бонски политичарки како Ренате Шопе. И родителите на Аналена Бербок, кандидатката на „Зелените“, во осумдесеттите биле активни во движењето за мир и екологија. Во многу нешта состојбата на духот во денешна Германија потсетува на онаа во осумдесеттите, кога неочекувано на политичката сцена се појавија „Зелените“. Денес, по речиси четири децении, политичарките како Аналена Бербок бараат од општеството да го промени темелно својот однос кон климата, природата и природните ресурси. Иако за најголемиот број од гласачите климата е главното прашање, сепак, и ним им недостига храброст за радикални промени, затоа што стравуваат дека тие ќе бидат многу скапи. За такви промени е потребна храброста што ја поседуваа младите политичарки во бонската демократија на осумдесеттите. Нивната храброст се темелеше во критичката свест која произлезе од 68-та. Таа храброст не беше возможна без тогашното критичко соочување со минатото и без силната желба да се оствари визијата за мирољубива и еколошка политика. За тоа сведочат на инспиративен начин протагонистките во филмот „Непопустливите“.

Кица Колбе

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com