Комората на извршители вели дека нема да има застарување и отпис на долговите општини, претпријатија и граѓани, откако парламентарното мнозинство ги усвои измените на Законот за извршување и на Законот за облигациони односи.
Со новите измени, каматната стапка нема да смее да го надмине долгот, односно таа престанува да тече кога ќе го достигне износот на главниот долг, што е прифатливо за Комората на извршители, но неприфатлив е делот за застареност на долгови. од таму велат дека тоа се коси со други законски прописи и има недоречености.
„Извршителот не е надлежен по службена должност да одлучува за застареност на побарување, утврдено во извршна исправа за кое е поднесено барање за извршување. Секој поднесок од странка во кој се повикува на застареност, извршителот со заклучок ќе го отфрли поради ненадлежност“, одговара Комората на извршители.
Организацијата на работодавачи веќе му испратила писмо на претседателот Стево Пендаровски, кој стави потпис на указите, дека покрај должници, има и доверители за кои овие акти може да бидат погубни. Пендаровски им рекол дека се надева дека државата ќе најде механизми за овој проблем.