9.8 C
Skopje
Monday, October 18, 2021

„Немаме избор“: илјадници Авганистанци бегаат пред талибанците

Најчитани вести

Секој ден илјадници Авганистанци бегаат надвор од земјата откако талибанците презедоа воена офанзива по повлекувањето на странските трупи од таа земја. Годинава може да има околу 1,5 милиони Авганистанци „кои ќе бегаат кон запад“.

Стотици трошни пикап-камиони преполни со мажи, жени и деца секојдневно заминуваат од Заранџ, главниот шверцерски град во Авганистан. Од Заранџ кој е и главен град на далечната југозападна провинција Нимроз – возилата свртуваат на југ, низ жешката пустина и ја минуваат порозната граница со Пакистан.

Во пограничниот град Дак, во југозападната пакистанска провинција Балучистан, шверцерите ги префрлаат Авганистанците во Иран. Други им плаќаат на шверцерите за да ги однесат до Турција, од каде некои ќе се надеваат дека ќе стигнат до Западна Европа.

Патувањето е опасно. Авганистанците кои нелегално ги преминале границите во регионот се апсени, тепани, па дури и убивани од граничари, шверцери и криминални банди. Други умреле од болести и истоштеност.

Но, за многу Авганистанци кои бегаат од зголеменото насилство од Талибанците вреди да се ризикува за остварување на нивните соништа за безбедност и работа. Бројот на Авганистанците кои бегаат во странство се зголеми откако Соединетите држави во април годинава објавија дека ќе ги повлечат сите свои сили од Авганистан.

Пред крајниот рок на 31 август, Талибанците започнаа офанзива и освоија големи територии од владините сили. Напредок на талибанците расели десетици илјади луѓе и го турна Авганистан кон работ на хуманитарната криза.

„До 450 пикапи, со околу 10.000 луѓе, секој ден го напуштаат Заранџ“, вели Дејвид Менсфилд, независен истражувач, автор на претстојниот извештај за Институтот за развој во странство, тинк-тенк со седиште во Британија, кој ги мапира изворите на приходи на различни актери во авганистанскиот конфликт, вклучително и профитабилната трговија со криумчарење луѓе.

„Видовме скоро двојно зголемување по најавата за повлекување на САД и по напредувањето на Талибанците“, додава Менсфилд, чие истражување вклучува сателитски снимки и интервјуа со возачи и патници. „Тоа е тешко патување и кажува многу за тоа колку луѓето се очајни“, вели тој.

Бегство кон Запад

Според Меѓународната организација за миграција (ИОМ), има голем пораст – меѓу 30 до 40 проценти – на бројот на Авганистанците кои бегаат од земјата во изминатиот месец.

Ник Бишоп, службеник за итни случаи во ИОМ, вели дека порастот се должи на „неодамнешното повлекување на меѓународните трупи и последователното брзо влошување на безбедносната состојба низ целата земја“.

„Пред почетокот на повлекувањето на 1 мај, околу 750.000 до милион Авганистанци – претежно на возраст меѓу 18 и 26 години – мигрирале секоја година преку шверцери на луѓе или други неформални средства, претежно во Иран, Турција, регионот на Заливот, и Европа“, вели Бишоп.

„Сепак, најновото ширење на конфликтот натера значително голем број семејства да бегаат во странство и преку нередовни канали“, додава тој.

Се проценува дека приближно 20.000 до 30.000 авганистански државјани и 600 до 700 семејства сега мигрираат во странство секоја недела. „Со овие стапки, во 2021 година може годинава да има до 1,5 милиони Авганистанци кои ќе бегаат кон запад во потрага по заштита, безбедност и работа“, вели Бишоп.

Податоците, собрани преку анкети на над 33.000 авганистански мигранти непосредно пред да заминат за Иран, покажуваат дека околу 81 процент имале намера да останат во Иран, проследено со 12 проценти кои планирале да патуваат за Турција, околу 4 проценти за Европа и само 2 проценти во Пакистан.

Главните двигатели на миграцијата се конфликтот и недостатокот на работни места. Повеќето од Авганистанците кои бегаат во странство се од 14 од 34 провинции во Авганистан. Тие се сериозно погодени од големата воена офанзива на талибанците во последните месеци.

Нема изгледи за мир

„Живееме во мизерија“, вели Хафизулах Насери, жител на покраината Кундуз, кој се подготвува да избега во странство. „Нема изгледи за мир. Војната само продолжува и продолжува. Значи, мора да одиме во безбедна земја“.

Овој 45-годишник вели дека неговото шестчлено семејство го продаде имотот за да им плати на шверцерите за да ги однесат во Иран.

Талибанците веќе имаат под контрола две третини од територијата на Авганистан, а според последните проценки, тие за три месеци би можело да го освојат и главниот град Кабул.

Стотици жители се убиени или ранети, а зголемениот број на оние кои заминале или избегале од насилството или биле присилени од талибанците, кои ги користеле напуштените домови како позиции од кои пукале кон владините сили.

„Ситуацијата е ужасна, Ова не е место за живеење. Има војна и нема работа. Постојат стотици семејства како моето, кои заминуваат во странство“, вели Амир Кан Лудин, друг жител на Кундуз. Мохамад Ханиф Јар управува аптека во јужниот град Кандахар, втор по големина град со околу 600.000 жители.

„Никој не е безбеден. Ниту едно семејство или имот не се безбедни. Безбедноста се влошува од ден на ден“. Јар вели дека има намера да го направи опасното патување кон Европа.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com