14.8 C
Skopje
Saturday, July 24, 2021

Неискористен адут со големи потенцијали

Најчитани вести

Модернизација и унапредување на земјоделството преку изградба на откупно-дистрибутивни центри, современи магацини, ладилници, станици за чистење камиони, станици за рециклирање отпад, но и обуки наменети за земјоделците и за вработените во институциите надлежни за унапредување на земјоделството најавија деновиве владините претставници. Со проектот за модернизација на земјоделството се планираат инвестиции во висина од 50 милиони евра, средства што ќе бидат обезбедени со заем од Светската банка, вреден 46 милиони евра, и четири милиони евра дел грант од Европската Унија. Проектот цели кон подобрување на конкурентноста на земјоделството, но и зајакнување на институциите што се надлежни за аграрот и за подобар пристап до европските фондови.

Сумата за која надлежните најавија дека ќе биде инвестирана е доста висока, но она што е особено значајно во ситуацијава се плановите за унапредување на земјоделскиот сектор, кој може, благодарение на огромните ресурси, да биде адут и да ја влече економијата напред. Инвестициите во земјоделството ќе бидат и корисни и добредојдени, особено имајќи го предвид фактот дека аграрот иако има можности да обезбеди доволно храна за покривање на домашните потреби, сепак, голем дел од добрата што ги користи во секојдневната исхрана се од увоз.

Искуството од изминатава пандемиска година укажа дека земјоделството е многу значаен сектор, чиј придонес во кризни времиња е особено важен, но исто така мора да се има предвид дека овој сектор е тесно поврзан и со други гранки, па со неговиот развој се овозможува и нивен развој. Плановите за модернизација на земјоделството се особено значајни, бидејќи ќе му помогнат на домашниот аграр да стане поисплатлив, порентабилен и на тој начин и попривлечен за млади земјоделци. Преку подобрување на начините на обработка на земјиштето и одгледувањето домашни животни ќе се придонесе за подобрување на квалитетот на производите, а на тој начин ќе се зголеми и нивната вредност. Подобриот квалитет исто така ќе им овозможи на домашните производители да станат и поконкурентни на странските пазари.

Предностите и придобивките од модернизацијата и подобрувањето на перформансите на земјоделството се многубројни. Обезбедувањето храна од домашни производители ќе значи и намалување на трошоците за увоз на прехранбени продукти. Но производството не треба и не застанува само со бербата, напротив, со создавање на откупните центри, со создавање синџир за нивен пласман, или, пак, со нивно опфаќање во производствените преработувачки капацитетите, покрај продолжување на нивната трајност, се овозможува и зголемување на нивната вредност.
Дополнителен стимул за подобрување на перформансите на домашниот земјоделскиот сектор се потенцијалите, кои со соодветно таргетирање може да донесат големи приливи. Само преку преработките земјоделските производи, со нивна трансформацијата од свежо овошје и зеленчук во разни џемови, мармалади, зимници…, може да се транспортираат на многу поголеми далечини и да освојуваат нови пазари, а истовремено таму ќе се продаваат по повисока цена. Еден показател за можностите на аграрот е ланската успешна година, кога преработките на сезонско овошје и зеленчук нараснаа, а со тоа обезбедија поголем прилив на средства во државната каса.

Но многу значаен сегмент на кој исто така ќе биде неопходно да му се посвети големо внимание и да се прават планови за зголемување на производството е месната индустрија. Одгледувањето домашни животни во Македонија во последните години значително се намали, што се должи на повеќе фактори, но она што е значајно е државата да оформи мерки и политики што ќе го поттикнат домашното производство на месо и ќе ги покрива домашните потреби од месо и месни преработки. Ако во минатото се подразбираше дека секое селско семејство, покрај земјата на која засадува разни земјоделски продукти, во својот двор одгледува и домашни животни, денес не можат да се забележат овци, свињи или кокошки во дворовите низ селата. Што е уште полошо, голем дел од селата веќе е иселен, а каде што нема луѓе, нема ниту животни. Токму поради ова мора да се наоѓаат мерки со кои повторно ќе се поттикнува одгледувањето животни и ќе се мотивираат производителите што сега одгледуваат стока да продолжат со нивната работа преку соодветно валоризирање на нивниот труд.

Повеќе од јасно е дека земјоделскиот сектор има големи потенцијали, од кои споменавме само дел, но она што е значајно е фактот дека треба подобро да се искористат предностите на нашата местоположба. Со соодветно таргетирана политика и мерки за поддршка на земјоделците, Македонија може да го зголеми домашното производство, преку кое не само што ќе ги задоволи сопствените потреби од храна туку истовремено може да ги зголеми и потенцијалите за извоз, а со тоа да обезбеди и поголем девизен прилив во земјата. Како земјоделска земја со огромни ресурси, крајно време е државата да почне да ги искористува нашите адути и земјоделството да стане сектор што ќе ја влече економијата напред.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести