Собранискиот спикер не ја исклучува можноста гласањето по иницијативата за уставните измени да се одложи по исцрпување на расправата. Пленарната седница закажана за 18-ти август, може да трае најмногу 10 дена, а чинот на гласањето не е врзан со последниот ден од дебатата. Џафери вeли сè ќе зависи од моменталната состојба, дали ќе има обезбедено двотретинско мнозинство.
Купување време. Вака ги оценува последните случувања, првиот човек на опозицијата, Христијан Мицкоски. Убеден е дека власта само се труди да го „преживее“ месец август зашто се погласни се барањата за предвремени избори на есен. Мицкоски вели дека кога и да се случи гласањето, 44-те пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе бидат против уставни измени под диктат.
Иницијативата за уставни измени експресно помина на матичната комисија. Наместо предвидените максимални 10 дена за дебата, Комисијата за уставни прашања расправата ја заврши за два часа. Поддршка за иницијативата дадоа 10-те пратениците од владејачкото мнозинство, а 7-те пратеници од опозицијата кои се дел од Комисијата, гласаа против.