4.8 C
Skopje
Tuesday, January 31, 2023

Неверојатен случај во Кина: По 25 години фатена банкарска службеничка која „испарила“ со 600.000 долари

Најчитани вести

Искористувајќи грешка во системот во банката во која работела, една млада жена од југоисточна Кина во далечната 1997 година однела речиси 600.000 долари, по што направила пластична операција и побегнала во друга провинција, за да започне одново со нов идентитет.

Но, повеќе од четврт век подоцна, властите ја откриле жената, која во меѓувреме станала успешна деловна жена со нов сопруг и ќерка, а „валканата облека“ од нејзиното минато излезе на виделина, пишува „Vice“.

Поранешната вработена во банката, која властите ја идентификуваат со псевдонимот Чен Јиле, во вторникот беше обвинета за корупција и измама за разработената шема, откако била уапсена во декември, објавија обвинителите во градот Јуеќинг.

Чен ги признала сите дела што ѝ се ставаат на товар и изразила каење кога била фатена, велат властите.

Во далечната 1997 година, тогаш 26-годишната шалтерска службеничка во филијалата на „China Construction Bank“ во градот Јуеќинг- една од најголемите во земјата – наишла на пропуст во системот на банката, кој ѝ овозможил слободно да ги уредува сумите на пари на сметките и подигањето готовина.

Таа дознала дека недостига персонал во една од блиските филијали на банката, за која знаела дека е затворена за време на викендите. Жената потоа доброволно се пријавила да биде префрлена таму. На 12 април 1997 година, во сабота, Чен конечно го спровела својот план. Прикривајќи се во празната банка, таа внесувала нови бројки на нејзините банкарски сметки, додавајќи десетици илјади долари на секоја од нив – префрлувајќи вкупно 5,66 милиони јуани (835.000 долари).

Чен потоа се спакувала и тргнала низ градот со куфер, застанувајќи во различни филијали на банки за да повлече вкупно 3,98 милиони јуани (587.000 долари) во готовина. Таа, исто така, се појавила и на клиника каде се нудат козметички процедури и отишла под нож. Не е јасно какви процедури ѝ биле направени.

Со парите, Чен дошла во домот на нејзините родители истиот ден, при што сокрила вкупно 1,43 милиони јуани (211.000 долари) на неколку места низ куќата, вклучително и во полскиот тоалет во дворот. Следното утро, таа веќе патувала на југ со преостанатите пари, пристигнувајќи во банка во соседната провинција Фуџијан. Таму, таа депонирала 2,1 милиони јуани (310.000 долари) на новоотворени заеднички банкарски сметки со нејзините тројца браќа и сестри.

Таа му го открила грабежот на семејството, но не го послушала таткото, кој ја убедувал да ѝ се предаде на полицијата. Тој подоцна ја пријавил и им ги предал на властите книшките со пари наменети за членовите на семејството. И покрај обидите Чен да се изведе пред лицето на правдата, технологијата во тоа време не можела да ја стигне бегалката, која исчезнала преку ноќ.

Чен тогаш отишла кон Шангај, со само 400.000 јуани (59.000 долари) во готовина. Откако обезбедила нова лична карта со помош на посредник, младата жена усвоила нов идентитет како Џианг, регистрирана во провинцијата Гуижоу во југозападна Кина – 1.700 километри од нејзиниот вистински роден град Јуаќинг. Но, нејзината последна станица била крајбрежната провинција Гуангдонг во југоисточна Кина, каде што ќе го започне својот нов живот.

Во текот на следните 25 години, Чен под името Џијанг ќе стане успешна деловна жена, основајќи компанија за средства за чистење. Таа повторно се омажила и родила ќерка, откако го напуштила својот прв сопруг по нејзината кражба во 1997 година. Се верува дека нејзиното ново семејство не знаело ништо за нејзиното лажно минато, сѐ додека не била фатена во декември. Таа сега се соочува со обвиненија за корупција, измама на идентитетот и склучување брак без да го прекине претходниот.

„25 години, инспекторите никогаш не се откажаа од апсењето на Чен“, се вели во објавата на Народното обвинителство на Јуеќинг, додавајќи дека работеле со други владини оддели за да ја пронајдат – иако не откриваат како точно го направиле тоа.

„Да се има таква храброст на 26 години, да се грижи за сите нејзини браќа и сестри, па дури и успешно да започне бизнис… каков талент“, вели еден коментар на социјалните мрежи во Кина.

Но, додека Чен ги чека последиците за нејзините повеќедецениски лаги, корисниците на социјалните мрежи укажаа на опасноста од таквите дупки во банкарскиот систем на земјата, што им овозможуваат на вработените слободно да ги менуваат бројките на банкарските сметки.

Не е јасно дали е поправен пропустот што ѝ овозможил на Чен да подига големи суми пари, но во 2014 година, 42 клиенти на банка во Хангжу изгубија вкупно 95 милиони јуани (14 милиони долари) откако службеник од банката си префрлил пари од нивните сметки. Во 2020 година, една жена во провинцијата Хенан откри дека над милион јуани (147.000 американски долари), за кои ѝ била потребна повеќе од една деценија да ги заштеди, исчезнале од нејзината сметка во China Construction Bank. Вработени во банката ѝ ги украле парите, со кои се коцкале и инвестирале, дури и пречекорувајќи за околу 130.000 јуани (19.000 долари) во процесот.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести