Членови од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Законот за утврдување стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10 и Законот за нотаријатот се дел од иницијативите кои ќе се разгледуваат на денешната седницата на Уставниот суд.
Иницијативата која се однесува на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а чиј подносител е Снежана Цветаноска од Битола, вели дека на вработени лица во авто-школите (возач-инструктор, предавач во испитните центри, испитувач во практичниот дел, испитувач по теоретски дел и контролор) им се ускратени правата со ограничување на важноста на лиценците кои ги поседуваат со важност од 5 години и на секои пет години треба повторно да полагаат испит за да ги задржат истите лиценци. Подносителот предлага оспорените одредби да бидат укинати бидејќи смета дека им се ускратени и повредени повеќе права.
Втората иницијатива се однесува на Законот за утврдување стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10 во Република Северна Македонија со која подносителите, Сојуз на синдикатите на Македонија – ССМ претставуван од претседателот Дарко Димовски, и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија, претставуван од претседателот Иван Пешевски, и Здружение за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ Штип, претставувано од претседателот на здружението Кристина Ампева, го оспоруваат членот 12 и велат дека во оспорениот член се предвидува дека стратешкиот партнер имал целосно право да го организира и распоредува работното време на работниците кои ќе биле ангажирани на проектот со можност работното време за секој поединечен работник во просек да трае 60 часа неделно во текот на годината. Подносителот наведува дека одредбата се коси со уставните и законските норми што го уредуваат правото на неделен одмор на работниците.
Една од иницијативите, чиј подносител е Ивана Минова од Велес, се однесува на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразни болести COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-Cov-2, случаите и временскиот период на нивна примена, донесена од Владата на Република Северна Македонија. Според наводите во иницијативата, со присилното наложување на носење маски Владата го повредува член 11 став 1 од Уставот, според кој физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени и се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување. Подносителот исто така наведува дека носењето на маска го ограничува правото на неограничена количина на воздух за дишење, во наводите пишува и дека задолжувањето на Владата за носење Ковид-маска под закана за парично казнување, претставува повреда и на член 12 ставови 1 и 2 од Уставот, според кој слободата на човекот е неприкосновена, никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон.
Според четвртата иницијатива, оспорен е член 147 став 2 од Законот за нотаријатот. Според иницијативата, одредбата е противуставна затоа што на законските наследници им го ограничува правото слободно да располагаат со своето право – самите да одлучат дали при расправање на оставината во која граѓанинот како учесник во постапката има потреба од адвокат како полномошник или воопшто не му е потребно. Според подносителот, законодавецот со ваквата одредба пропишува задолжително присуство на адвокат, која облигаторна одредба според подносителот е директна дискриминација на законски наследник, имајќи предвид дека некои од законските наследници не се прифаќале за наследници на делот од оставината, а мора да имаат адвокат. Подносители на оваа иницијатива се Здружение за заштита од дискриминација – Виница.