17.8 C
Skopje
Friday, September 30, 2022

На повидок специјална операција – преживување

Најчитани вести

Миксот на различните последователни кризи во последните две години, од здравствена, економска, енергетска и на крајот сите последици што ги носи војната во Украина силно го разниша стандардот на граѓаните и во нашата земја.
Цените на горивата и храната постојано растат, зголемувајќи ја истовремено загриженоста кај најранливите категории граѓани за тоа што носат и како да се поминат денот и месецот.
Ценовното цунами што го зафати пазарот на електричната енергија, нафтата, гасот и на пченицата силно удри и по џебот на пензионерите, студентите, младите и семејствата со деца, кои и пред глобалната економска и здравствена криза се соочуваа со зголемените животни трошоци. Мерките на македонската влада, во изминатиот период, влијаеја на ублажување на „инфлаторното“ влијание врз семејните буџети, но и натаму останува неизвесноста за голем број од населението за тоа како ќе ја пребродат најголемата светска криза, во последните дваесет години.
Од Сојузот на здруженијата на пензионери во Македонија сметаат дека грижата за највозрасната популација во земјата треба да биде повеќеслојна, во сегашните социоекономски услови. Првенствено тоа се однесува на подобрување на социјално-материјалниот статус на старите лица, преку остварувањето редовни и, секако, повисоки пензии. Околу 83 илјади лица се во најниската категорија на пензиите и затоа е потребно да се врши навремено усогласување на нивните пензиски приходи со порастот на трошоците за живот. Во овој дел, Владата веќе го прифати и барањето на пензионерските здруженија за усогласување на висината на пензиите по двата критериума, со порастот на трошоците за живот и со порастот на просечната плата во земјата. Одобрувањето финансиска помош од илјада денари за три месеци во добар дел ќе го заштити нарушениот стандард на пензионерите.
Покрај високите цени за основните животни потреби, пензионерите се соочуваат и со проблемот за обезбедување редовна медицинска терапија. Во изминатите две години, пензионерите беа изложени и на зголемени трошоци за заштита на сопственото здравје.

– Пензионерите беа во најризичните категории за заразување од коронавирусот, Само за подобрување на имунитетот, по заболувањето од ковид-19, мораа да издвојуваат дополнителни суми за препарати и лекови за подобрување на имунитетот. Оваа сума изнесуваше и над 2.500 денари, што споредено со минималните пензии од двесте евра, претставуваше драстично финансиско оптоварување за пензионерскиот буџет. Тука се и трошоците за редовната медицинска терапија за хронично болните. Од овие причини, од Сојузот на пензионерите се залагаат и за проширување на листата лекови од позитивната листа. Многу наши членови се принудени да набавуваат лекови, кои не се на товар на Фондот за здравство. Нашето барање е за сите лица над 60-годишна возраст да има пониска партиципација за специјалистичките прегледи и за болничкото лекување – ни изјави Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионери во Македонија. Во незавидна состојба се старите лица во руралните подрачја, кои не можат сами да одат на редовни лекарски прегледи. Нивните деца што живеат во урбаните центри, поради високите трошоци за превоз, не се во можност да ги посетуваат редовно. Некои пензионери ги издржуваат и семејствата на нивните деца, кои останале без работа во услови на пандемијата!
– Затоа е потребно да се применува теренски доктор со подвижна аптека. Но за некои е потребен и целодневен надзор од стручно лица за приготвување храна или за секојдневна хигиенска и здравствена нега. Предлагаме да се одобрат субвенции за престој во геријатриските домови за лицата со помали пензии – вели Трајкова.
Со повисоки трошоци за живот се соочуваат и младите брачни двојки со малолетни деца, кои мораат да водат сметка за секој потрошен денар.

– Имам две мали деца во претшколска возраст. По најновите поскапувања сѐ плаќам двојно. Со децата кога одам во продавница, тоа е вистински „кошмар“, Посебно на денешниве цени, кога дури и гумите за џвакање се поскапени. Сакаат буквално од сѐ. Секој родител сака на своето дете да му угоди и да му купи што повеќе, меѓутоа ситуацијата е таква што мора да бидеме многу внимателни, бидејќи цените од ден на ден вртоглаво растат. За децата секогаш ќе има, ние возрасните ќе се откажеме од тоа што го сакаме, само за да бидат задоволни тие. Пазарењето во маркетите на големо стана невозможно. Вчера, само за леб, чепкалки за уши, влажни марамчиња и разни ситници за децата, од грицки и нешто слатко, платив околу илјада денари. Каде се трошоците за другите денови. А треба да платам и за едукативна настава за поголемиот син од 1.600 денари месечно – ни изјави нашата сограѓанка Виолета Марковска.
Студентите во Македонија поради онлајн наставата, која се практикува на повеќе факултети во земјата, се „ослободени“ од поранешните трошоци за сместување во домовите или приватните станови. Но, како што ни изјавија некои од нив, и тие ја чувствуваат економската криза.
– Мораме да се однесуваме рационално со нашите скромни приходи. Нашите родители не можат да одвојат повеќе за нас, поради покривање на високите сметки за струја и храна. Можностите за заработување студентски џепарлак се намалени. Сѐ поретко се наоѓа работа за студенти. Со ова и трошоците за излегувањата во град или за лично надградување се сведени на минимум. Штедиме колку што можеме – вели Александра, студентка од Штип.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com