-1.2 C
Skopje
Monday, February 6, 2023

На повидок договор меѓу Синдикатот на УКИМ и Џафери: Колективен ќе има, но треба да се прецизира и покачувањето

Најчитани вести

Ветувањето од Џафери, според изјавите од синдикалците, е дека нов колективен договор ќе се потпише пред Нова година, меѓутоа, колку ќе биде покачувањето на платите – дали според барањето од 25 отсто на годишно ниво во наредните четири години – ќе се допрецизира дополнително. За таа цел, на следната средба во рамки на процесот за мирно решавање на спорот, на 9 декември ќе присуствува и министерот за финансии Фатмир Бесими

Сојузот на синдикати на Универзитетот „Кирил и Методиј“-Скопје и претседателот на Собранието Талат Џафери се пред изнаоѓање решение за нов колективен договор и покачување на платите на наставниот и ненаставниот кадар на најстариот и најголемиот универзитет во земјава.

Ветувањата се дека до Нова година ќе се стави потпис на новиот колективен договор, но останува уште да се допрецизира степенот на покачување на платите. Она што го бараа синдикалците е покачување од по 25 проценти на годишно ниво, за по четири години да се достигне ниво од 100-процентно покачување на платите.

Позитивните сигнали дека ќе се постигне решение дојдоа по денешната прва средба во рамки на процесот за мирно решавање на спорот што пред помалку од еден месец беше побарано од Синдикатот.

Денеска тројца синдикалци, вклучително и синдикалниот лидер професорот Ангел Ристов, седнаа на преговарачка маса со тричлена делегација од парламентот, предводен од Џафери, а помирувач определен од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) беше адвокатката Мимоза Салтирова.

„Освен што ми е задоволство што сум во овој предмет ова е и преголема обврска и одговорност за мене меѓутоа изминатиот период ги искористив сите законски можности каде прибира информации и остварував непосредни контакти со двете страни. Немав никакви пречки, напротив постоеше преубава атмосфера за работа. Како што велат старите, како започнуваат работите така и завршуваат, па очигледно е дека работите ни одат добро, имаме уште една средба после оваа, детали нема да се соопштувам сега. Заедничкото решение е на повидок на да се прифати со што сметам дека овој спор ќе се оконча со потпишување спогодба која ќе биде дел од колективниот договор“,

рече Салтирова.
Џафери не даваше изјави, но помирувачката рече дека тој на средбата посочил дека ова не го гледа како спор и за него не е ништо спорно, но останува да се усогласат околу покачувањето.

„Тој ја има волјата да го потпише колективниот договор уште денеска, меѓутоа, како и што самиот изјави, не е поентата да се потпише нешто што не може во целост да се спроведе. Затоа преговорите ќе продолжат во однос на тоа што ќе се утврди како висина на зголемување на платите… Крајниот збор го има претседателот на Собранието кој кажа дека ќе го потпише колективниот договор. Ако на следната средба не се најде какво било решение во однос на обезбедување на финансиите, во таков случај претседателот на Собрание има дискрециско право да го потпише колективниот договор онака како што бара синдикатот“,

рече Салтирова.
Претседателот на Синдикатот Ангел Ристов, исто така, излезе задоволен оценувајќи дека средбата била конструктивна и плодна. Како што рече, од Џафери добиле ветување дека финалниот колективен договор ќе се потпише до 29 декември.

„Може слободно да кажеме дека после две години борба низ институциите, правна борба, не со штрајкови и блокади, успеавме да дојдеме до ветување дека конечниот договор ќе биде потпишан најдоцна до 29 декември со тоа што на следната средба на 9 ќе имаме средба со министерот за финансии да видиме како стои нивното размислување и просторот по однос на нашите барања за 25 процентно покачување во наредните четири години. Ако не наидеме на разбирање тогаш Собранието ќе го потпише нашиот колективен договор“,

рече Ристов.

Новиот колективен договор засега околу 2 400 вработени на УКИМ од кои околу 1 000 се ненаставен кадар.

Од Синдикатот, како што рекоа, денешната средба ја гледаат како добар знак дека државата конечно се свртува кон високото образование затоа што таму е иднината на земјата и се надеваат дека ќе дојде до конечно подигање на стандардот на вработените, а со тоа и на зголемување на квалитетот на знаење на студентите.

Денешната средба дојде откако Синдикатот на 9 ноември до МТСП поднесе предлог за мирно решавање на спорот бидејќи поминаа повеќе од 30 дена откако неговите претставници на средба во Владата ги изнесоа своите барање и чекаа некаков исход. Иако на тогашната средба на 4 октомври, како што посочија претходно од Синдикатот, добиле уверување дека барањата сериозно ќе се разгледаат, ќе се направат пресметки и ќе бидат повикани на уште една средба, тоа не се случи.

За стандардот на вработените на УКИМ, Синдикатот во неколку наврати алармираше изминатиот период, а на 2 јуни годинава организираше и предупредувачки протест пред Ректоратот.

За тоа во каква состојба се вработените во УКИМ, Ристов зборуваше и во гостувањето во емисијата „360 степени“ на крајот од септември годинава кога оцени дека никогаш во историјата на Универзитетот тие не биле во потешка и полоша ситуација.

Како што кажа тогаш претседателот на Синдикатот, доцентите на факултетите земаат плата од 30 590 денари што е под просекот во државата, додека редовен професор заработува 39 500 денари месечно.

„Ние сме едни од ретките држави во Европа и во светот каде еден доцент, доктор на науки, зема помала плата од просечната“,

рече тогаш Ристов.
Најзагрозен, додаде тој, е ненаставниот кадар чии плати не се покачени со години. Во споредба со регионот, пак, според него универзитетските професори кај нас се убедливо најслабо платени.

„Јас ја споменав платата на еден редовен професор што целиот свој живот го посветил на науката, на образованието, на младите, на идните генерации – 650 евра. Во поблиското опкружување, во Косово – 1 500 евра плата, Србија – 1 800 до 2 000 евра плата, Хрватска – 2 000 евра плата, Словенија 2 500 евра плата. Ние заостануваме далеку зад сите земји во регионот, но исто така и од земјите во Европа и светот“,

рече Ристов.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести