Home » На Даравелски повторно ќе му се суди

На Даравелски повторно ќе му се суди

by Журнал.мк

Основниот кривичен суд Скопје денеска информира дека одново ќе му се суди на поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски, кој неодамна им се предаде на македонските власти после долгогодишно бегство.
„Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје, по добиено барање од адвокатот на Даравлески за повторување на кривичната постапка, оформи предмет и изврши увид во списите на кривично правниот предмет К.бр. 809/05, предметот за извршување на досудената санкција на Основниот суд Киманово со КУИКП бр. 162/10, предметот на кривичниот совет со КС – КР бр. 1085/15, известувањето од КПУ Идризово и прибави мислење од надлежното ОЈО Скопје. Постапувајќи по барањето и по детална анaлиза на прибавените списи и докумeнтација, Кривичниот совет на 03.02.2023 година донесе решение со кое утврди дека барањето е основано и се дозволува повторување на кривичната постапка против обвинетиот“, информираат од таму.

„Против ова решение добиена е жалба од ОЈО Скопје, која согласно законските одредби го одложува неговото извршување и предметот е доставен на надлежно постапување во Апелацискиот суд Скопје, од каде денеска е добиена одлука на второстепениот суд со која решението на Кривичниот совет се потврдува во целост. Решението во текот на денешниот ден ќе биде доставено до странките и КПУ ‘Идризово’. Заради појаснување, известуваме дека кривичната постапка против обвинетиот Драган Даравелски не е запрена, односно со конкретното решение се дозволува повторување на постапката и ќе биде оформен нов предмет кој ќе биде распределен на понатамошно постапување“, соопштија од Кривичниот суд.

МВР на 10 јануари годинава го лиши од слобода Драган Даравелски, кој беше баран со меѓународна потерница. Даравелски, во 2007 година во отсуство беше осуден на казна затвор во траење од седум години. Тој во 2016 година еднаш веќе беше уапсен во Белград, но не дојде до негова екстрадиција.

Тој се товареше дека додека бил директор, ја злоупотребил службената должност и овластување, а неговиот заменик, второобвинетиот Киро Доцевски беше обвинет за истото дело, но и за фалсификување службена исправа. Доцевски беше осуден на казна затвор во траење од четири години и 10 месеци. Според обвинението, со работењето на Даравелски и на Доцевски државата била оштетена за 2,5 милиони евра. Со истата пресуда судот одлучи на двајцата да им се заплени имот во висина од 103.575.167 денари најдоцна 30 дена по правосилноста на пресудата.

Во јули 2010 година, Агенцијата за управување со одземен имот, врз основа на правосилна пресуда на Основниот суд Скопје 1 Скопје, со решение до Агенцијата за катастар на недвижности на РМ изврши промена на сопственост на имотните листови на две парцели во КО Куманово и една во КО Центар – Скопје од лицето Драган Даравелски во корист на Република Македонија, а со истата пресуда, со решение извршен е пренос на имотот на поранешниот сопственик Киро Доцевски во КО Куманово во сопственост на Република Македонија.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk