3 C
Skopje
Thursday, March 4, 2021

На годишно ниво од рак на грлото на матката заболуваат околу 150 жени, помеѓу 30 и 40 од нив умираат

Најчитани вести

Секоја година во нашата држава во просек 150 жени се јавуваат како нови случаи на заболени од цервикалниот карцином или 15 на 100.000 жени, информира денеска професорката Елена Ќосева од Институтот за јавно здравје на прес-конференцијата по повод одбележувањето на европската недела за подигање на свеста за ракот на грлото на матката, во организација на здружението „Борка“.

Според статистиката за морталитет на Државниот завод за статистика, секоја година во просек умираат од 30 до 40 жени од оваа болест или три до четири на 100.000 жени.

– Во изминатите 15 години постои постепен, но и благ пад на смртноста од ова заболување. Во 2008 година починаа 43, а во 2019 година 35 жени, истакна Ќосева.

Согласно програмата за рана детекција и активностите предвидени за рано откривање и спречување на ракот на грлото на матката, предвидено е со бесплатен скрининг да бидат опфатени жени на возраст од 24 до 61 година, во период од три години, во три возрасни групи и тоа: од 24 до 35 години, 36 до 45 и 46 до 61 година.

– Со програмата за бесплатен скрининг на рак на грлото на матката се опфатени 10 проценти од жените од 24 до 61 година. Од 2016 до 2019 година се опфатени околу 30 проценти од жените, што не е доволно, вели професорката Ќосева.

Според доставените извештаи до центрите за јавно здравје, годишно се испраќаат во просек околу 53.000 покани, а процентот на жени кои примаат покана од вкупно поканетите изнесува околу 88 проценти. Од нив, околу 60 проценти се тестираат со ПАП тест или во просек годишно се прават по 24.000 ПАП бесплатни тестирања, при што се откриваат околу 10 проценти епителни клеточни абнормалности во вкупно цитолошки аназлираните брисови или во просек по 2.000 годишно се со позитивен наод.

– Во 2020 година, поради пандемијата со Ковид-19, имаме помал број испратени покани и реализирани ПАП тестови. Во првите три квартали околу 12.000 покани за скрининг биле испратени од страна на гинеколозите, направени се околу 9.000 ПАП тестови, а откриени се околу 900 брисови со клеточни абнормалности, што е околу 10 отсто од анализираните брисови, информира Ќосева.

Од вкупниот број патолошки лезии најзастапени биле ЦИН1, со околу 32 проценти, и ХПВ со 30 отсто.

– Охрабруваат податоците што сè помал број на жени се со тешка форма на карцином на грло на матка. Промените се откриваат во рана фаза и се помал број на жени со тешки форми, како што се плочестиот карцином, суспектен за инвазија или инвазивниот плочест карцином, објасни Ќосевска.

Во однос на вакцинацијата против ХПВ, таа информира дека во периодот од 2014 до 2018 година, 50,4 проценти од девојчињата на 12-годишна возраст биле вакцинирани, но во 2019 година тој процент бил зголемен на 57,8 проценти. Професорката Ќосева рече дека очекува трендот на зголемување на вакцинацијата да продолжи во иднина.

Проф. д-р Горан Димитров истакна дека најважна е примарната превенција од рак на грло на матка а се однесува на вакцинацијата.

– Колку е важна примарната превенција, говорат податоците од Австралија. Од кога е почната вакцинацијата, од 2008 или 2009 година, Австралија со 25,5 милиони жители има само околу 700 случаи на инвазивен карцином, што е многу добро, подвлече проф.д-р Димитров.

Според него, ако во минатото ПАП тестот се сметал за триумф во медицината, денес се смета за трагедија.

– Зошто денес е трагедија? И самите цитолози кажуваат дека многу карциноми не се откриени поради грешка на ПАП тестот, поради многу малата сензитивност, дури 35 до 40 проценти. Имајќи го тоа предвид, направена е студија во која учествувале милион жени и увидено дека ПАП тестот дава лажно негативни. Само во САД, во една година една третина од инвзнивите карциноми се должеле на грешка на ПАП тестот, објаснува професорот.

Тој информира дека многу студии покажале дека најдобро е да се применува ХПВ тест, кој дава многу добри резултати.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека здравјето на граѓаните, пристапот кон здравствена услуга, кон терапија е приоритет и оти раното откривање и третирање на ракот на грлото на матката ги обединува примарното, секундарното и терцијарното здравство.

– Во моментов размислуваме за молекуларна опрема за одредени институции за детекција на високоризичните ХПВ вируси, како и воведување нова терапија, рече Филипче, додавајќи дека Министерството за здравство обезбедило триесетина нови лекови, кои сега се достапни на онкологијата.

Претседателката на здружението „Борка“, Биба Додева, во чија организација беше и прес-конференцијата, истакна дека секоја година во светот се дијагностицирани половина милион жени со рак на грло на матката, кој е еден од најчестите видови карциноми и во последните години бројот на жени со оваа дијагноза значително се зголемува.

– По ракот на дојката, ракот на грлото на матката е вториот по ред најчест рак кај жените и во критичната група се наоѓаат оние на возраст од 25 до 64 години, рече Додева, која истакна дека е многу важно да се подигне свеста за сериозното заболување рак на грлото на матката.

Повеќе вести

- Advertisement -

Најнови вести