Илјадници туристи од земјава и странство се почесто ги заменуваат охридските плажи со посета на Националниот парк „Галичица“. Дел од нив уживаат во прошетките при што се запознаваат со ендемичните видови животни и растенија, а другите планинарат, возат сафари џипови, велосипеди или летаат со параглајдер над падините на планината којашто нуди незаборавни панорами долж брегот на езерото. Од Националниот парк велат дека најголемиот број од нив се вљубеници во природата кои се грижат за заштита на ова наше природно богатство.
„Од странските посетители или вистинските љубители на природата не се плашиме воопшто дали ќе дојде до појава на пожар. Искуството од порано кажува дека 99, 99 проценти се намерно подметнувани, а не од посета на туристи. Но сепак ние на наплатните рампи вршиме разговори и делиме летоци за начинот на однесување во природа“, изјави Наумче Новески, одговорен за заштита и справување од пожари – НП „Галичица“.
Сепак внимателноста поради масовната посета на заштитеното подрачје и високите температури во текот на летото е зголемена, особено поради тоа што Галичица има многу сртови и пожарите потешко се откриваат.
„Со патроли ние сме покриени скоро 24 часа. До кај 3-4 саатот редовните активности ни дозволуваат да правиме такви контроли, но една контрола вонредна се прави некаде пред стемнување затоа што тогаш се приметува пожарот и уште една контрола правиме некаде кај 24 часот“, додава Новески.
Новески оптимистички најавува дека во иднина Галичица ќе биде посетувана исто колку и брегот на езерото затоа што во светски рамки туристите сè повеќе уживаат во планинскиот и авантуристичкиот туризам.