Home » НАТО: Ги поздравуваме новите чекори на Белград и Приштина и повикуваме на понатамошен напредок

НАТО: Ги поздравуваме новите чекори на Белград и Приштина и повикуваме на понатамошен напредок

by Журнал.мк

Заменик генералниот секретар на НАТО Мирчеа Џоана денеска ги поздрави новите чекори што Белград и Приштина ги преземаат на патот кон нормализација на односите и повика на натамошен напредок.

Џоана на Твитер напиша дека имал „добар телефонски разговор“ со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, и додаде дека НАТО „останува силно посветен“ на мирот и стабилноста на Западен Балкан и преку мисијата КФОР во Косово.

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во понеделникот во Брисел, според шефот на европската дипломатија Жозеп Борел се согласиле за Спогодбата за патот кон нормализација меѓу Косово и Србија и ќе ги продолжат преговорите за модалитетите на неговото спроведување.

Преговорите продолжуваат на 18 март во Скопје. Курти денеска соопшти дека изборот на Северна Македонија за место на следната средба има симболика, бидејќи во земјата во 1999 година беше потпишан Кумановскиот договор со кој беше означена капитулацијата на тогашниот претседател на СРЈ, Слободан Милошевиќ.

Курти на Вториот економски форум одржан во Скопје рече дека Борел избрал средбата да се одржи во Северна Македонија од неколку причини – затоа што Скопје е најголемиот град во близина на Приштина и има големо влијание врз целиот регион и затоа што Северна Македонија напредува. во демократијата, владеењето на правото и европската интеграција.

– И во Северна Македонија, поточно во Куманово, беше потпишан таканаречениот Кумановски договор за капитулација на поранешниот претседател на СРЈ Слободан Милошевиќ и влез на трупите на НАТО во Косово, така што Северна Македонија има симболична улога и поради тоа Борел не покани овде, рече Курти.

Тој додаде дека односите меѓу Косово и Србија треба да се нормализираат, а нормализацијата може да се постигне само со взаемно признавање.

Според него, истото го кажале американскиот претседател Џо Бајден, државниот секретар Ентони Блинкен, германскиот канцелар Олаф Шолц „кој подвлече дека взаемното признавање е суштината и централната точка на целосната нормализација на односите“.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk