-2.2 C
Skopje
Monday, February 6, 2023

Наталитетот се намалува, а морталитетот се зголемува

Најчитани вести

М-р Дончо
Герасимовски

Демографската состојба во земјава во последниве години е актуелна од два аспекта, и тоа според движењата во надворешните миграции и природното движење на населението. Тоа значи дека имавме иселување од земјава во други држави и намален наталитет и зголемен морталитет. За да имаме точни бројки за овие состојби, имаме еден проблем што подолг временски период или речиси дваесет години немаме спроведено попис на населението, домаќинствата и становите. Истовремено е присутен и проблемот што не се води евиденција за иселувањето од земјата, а имаме само податоци за природното движење на населението. Затоа процените што се изработуваат за бројот на населението не се веродостојни, точни и кредибилни. Да не говориме колку се тие важни за земјата во која било сфера, без пошироко да се образложува.

Затоа сега можеме да направиме анализа само за состојбите за наталитетот, морталитетот и природниот прираст на населението, според последните објавени податоци за 2020 година споредена со претходни години.
Во 2020 година бројот на живородени деца или наталитетот е намален за 814 деца во однос на 2019 година, а во однос на 2010 година за 5.265 деца. Впрочем, во 2010 година се живородени 24.296, во 2019 година – 19.845 и во 2020 година – 19.031 деца.
Доколку овие бројки ги погледнеме по региони, може да се констатира дека во сите бројот се намалува, а по општини, пак, во однос на 2019 година само во 24 или во 30 отсто од општините во земјава има повеќе живородени деца. Сепак, како и во претходните години, најмногу живородени деца има во Скопскиот, Полошкиот и во Пелагонискиот Регион, а најмалку во Источниот, Вардарскиот и во Југоисточниот. Додека по општини најмногу се во: Тетово, Куманово, Чаир, Аеродром, Гази Баба, Битола, Гостивар, Центар итн. Во преостанатите општини, а посебно во руралните во кои повеќето население е од албанска етничка припадност, имаат поголем број од преостанатите.

Што се однесува до морталитетот или бројот на умрените лица, тој во 2020 година е најголем и изнесува 25.755. Во 2019 биле починати 20.466, а во 2010 година – 19.113. Разликата во однос на 2019 година е 5.309, што навистина е голема бројка споредено со која било претходна година. Причина за овој број на починати лица, секако, треба да се бара и во пандемијата, за која ќе можеме да анализираме по објавувањето на податоците за причините за смртноста. Најмногу умрени лица по региони има во: Скопскиот, Пелагонискиот, Полошкиот и во Југозападниот. А во однос на општините, најмногу се умрени во: Битола, Куманово, Прилеп, Тетово, Чаир, Гостивар… како и во руралните општини каде што има и помалку население како Вевчани, Зрновци, Лозово Ранковце, Конче, Карбинци, Центар Жупа итн.

Доколку ги анализираме податоците на наталитетот и морталитетот, ќе го добиеме природниот прираст на населението. Така, во 2020 година тој природен прираст е негативен и изнесува 6.724. Тоа значи дека бројот на населението во земјава се намалил за толку и дека е доста висок. За обележување е што Република Северна Македонија беше последна земја на Балканот што беше со негативен природен прираст на населението започнувајќи од 2019 година, кога тој изнесуваше само 601 лице или за толку се намали населението. Таа негатива во 2020 година во однос на 2019 година е зголемена за 6.123. Секако дека оваа негативна појава се одрази кај сите региони и од осумте во седум појавата е негативна со исклучок на Скопскиот Регион, кој има пораст само 36.

Највисока смртност има Пелагонискиот Регион, па Источниот, Вардарскиот, Југоисточниот итн.
Во однос на состојбата по општини, во 67 општини има негативен природен прираст, а само во 13 позитивен.
Наведените демографски состојби во нашата земја треба посериозно и со загриженост да се разгледаат, да се анализираат од сите аспекти и да се преземат сериозни мерки и активности преку изработка на една стратегија. Истовремено, надлежните институции треба да посветат повеќе внимание на овие појави од повеќе аспекти, кои се во нивна надлежност. Овие пораки постојано ги посочувам, пишувам, кажувам, коментирам за доброто на иднината на Република Северна Македонија.

Авторот е демографски аналитичар и поранешен директор на Државниот
завод за статистика

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести