Пет лица се убиени, а шест ранети кога е отворен оган во едно популарно кафуле во Акапулко, што е најновиот случај на насилство во некогаш гламурозното пацифичко летувалиште.
Обвинителството на државата Гереро наведе дека напаѓачите отвориле оган во кафуле кое се наоѓа на широка авенија карши луксузни хотели.
Ова кафуле во т.н. „Златна зона“ на Акапулко го посетуваат и туристи и локални жители.
Акапулко моментално е полн со туристи, а властите неколку дена претходно започнале безбедносна операција по повод туристичката сезона.
Се наведува дека сите жртви се жители на Акапулко.
Форензичарите пронашле 21 чаура на местото на нападот, а еден осомничен за нападот е уапсен.
Властите ги испитуваат очевидците за да утврдат дали се работи за напад или за караница меѓу гости.
Државата Гереро и Акапулко се место со висока стапка на насилство и убиства.
Порано многу популарно меѓу холивудските ѕвезди во последниве години Акапулко ја изгуби популарноста кај странските туристи.