23 C
Skopje
Tuesday, May 11, 2021

Надвор од Западот, а далеку од умот

Најчитани вести

Пишува: Јани Бојаџи

Светот се менува, тој наспроти тебе или ти наспроти него. И тоа е сѐ. Светот е животот. Животот наспроти тебе или ти наспроти животот. Да се менуваш според светот, значи да ја прифатиш новата реалност таква каква што е и да најдеш начин како себеси да се вметнеш во тој променет свет. Најчесто се мисли дека промената во принцип значи нешто ново, што не е сосема точно. Да се промени нешто, најчесто значи да се вратат вредностите што во минатото се утврдиле како корисни и прифатливи за мнозинството што го сочинува тој свет на промени. Сите знаеме дека општиот свет, универзумот е сила што се движи во циклуси што се повторуваат. Промените настануваат, се развиваат, се судираат со оние пред нив, се антагонизираат една со друга, кулминираат, распаѓаат и повторно се раѓаат од урнатините на светот што се урнисал. Од Сократ до Шпенглер, ние сме во потрага по одговор на две основни прашања: каде е почетокот и што е тоа што го иницира и каде е крајот што ќе се прероди во нов почеток.
Филозофите горе-долу се како уметниците, само мечтаат и зборуваат, филозофираат за подобар свет, но тие не можат да го направат светот подобар. Утврдено е кај кого се алатките и материјалите со кои се гради подобриот свет – кај политичарите. И тоа не кај сите. Некои алатки и некои материјали им се дадени или знаат да ги користат само некои од нив, од Перикле па до Бизмарк. Заедниците пропаѓаат во моментот кога ќе прифатат дека немаат повеќе потреба од филозофи што ќе поставуваат прашања и ќе бараат одговори што не водат само до стомакот и материјалните вредности. Заедницата што се откажала од потребата да го преосмислува и преоткрива своето постоење тргнала кон патот на пропаста.

Ние сме на работ од бездната затоа што прифативме да нѐ водат и со нас да управуваат поглупави од нас, со убедување дека тие за нас ќе го направат сето она што ние не успеавме да го направиме за себеси. Каква лудост! Каква неодговорност! Можно ли е дотолку да не гледаме дека денес со нашите животи управуваат потпросечни, неуки, примитивни организми и нивните организации, со секојдневни закани по нашите животи? Борбата за национална слобода, востанијата и создавањето на ова нација и држава се изведени од најдобрите, најумните, најобразованите и најталентираните, низ еден долг, мачен, конфликтен и комплициран процес што завршил во војна со најголемата сила на времето и едвај е изведена со над дваесет илјади жртви и заблуди што седумдесет години подоцна сѐ уште предизвикуваат меѓусебни конфликти и кризи што го доведуваат во прашање сето она што дотука е создадено.
Не ми е јасно како мислиме тоа непроценливо достигнување денес да го одбранат потпросечни, необразовани, примитивни и искорумпирани полуидиоти што во нормални земји не би управувале ниту со куќни совети. Ние сме длабоко влезени во циклус, кој сега е сосема јасно, започнат е со распадот на Источниот блок во медиумска пропаганда на лаги и измислици за непостојна нова општосветска слобода и демократија. Последица на тоа е денешното владеење на нејасни убедувања, што веќе почнаа да му противречат и на здравиот разум. И тоа нѐ збунува и нѐ прави несигурни во себеси и сопствените сознанија за тоа што е добро, што е лошо, што е убаво, што е грдо, а што корисно. Живееме на агонот од времето што оксимороните ги дефинира како обединување на спротивностите во нов квалитет, наместо логичното и очигледното за оксиморонството како состојба на непомирлива несвојственост и нерешлива конфликтност.

Секако дека сето она што се случува во Соединетите Американски Држави е само повторување на состојбите што довеле до распад на Атина, Македонија, Египет, Рим, Португалија, Шпанија, Франција, Британија и во овој момент САД како опашка, остаток на британскиот империјализам. Сите настани од аферата Левински, па преку Обама и Трамп се само повторувања на настаните што довеле до пропаст на гореспоменатите западни империи. Така било со сите. Исти се причините, исти се протагонистите, исти сценаријата, исти големите катарзи, аплаузите, солзите, цвеќињата и спуштањето на завесите. Сѐ е исто. Од екстериерот, онака како изгледаат средиштата на конфликтите нарекувани агори, капитоли, парламенти, сенати и конгреси, па до наративот и јазикот, апокалиптичните предвидувања за крајот на оној другиот, меѓусебните обвинувања за тиранија, диктатура, фашизам, одбрана на вредностите, правата, слободите и демократијата. Сѐ е исто. И сѐ се случува на истиот начин, со неочекувани пресврти и триумфи, де во полза на едниот, де во полза на другиот. И повикувања на толпите во сопствена заштита.
Го гледате дваесет години, секоја вечер, во вестите на сите телевизии, во печатот и на мрежите. Останува на вас да верувате дека ништо не се случува, дека тоа е само грип, епидемија што ќе помине со вакцинација, која до крајот на светот ќе ве штити од сите природни и општествени болести и најпосле ќе влезете во светот на „кока-кола“, каде што уживањето е вечно и доаѓа во вид на прекрасни слатко-кисели меурчиња. Секој си го избира пијалакот на животот. Тој рафт во нашиот духовен супермаркет е бесплатен, па повелете, послужете се! Нема погрешен избор доколку го изберете производот направен во вашата духовна работилница од состојките на природата и општеството во кои вие живеете.

Драги мои, ние триесет години живееме во свет во кој ни ги ветуваат таканаречените западни вредности како инстант пијалаци, кои откако ќе ги консумираме, веднаш ќе се претвориме во некои други, некои подобри, некои поуспешни, поморални, поумни и на крајот побогати луѓе. И, какви се резултатите од оваа триесетгодишна консумација на тие производи? Стагнација во сите сфери, без исклучок. По налог на Западот ги растуривме институциите на државата и традиционалните вредности, наложија да ги напуштиме и да преминеме кон општи промени со поттикнување на духот на грабливост, немилосрдност, лични интереси и егоизам наспроти духот на заедништво, меѓусебна солидарност и социјална правда што го создаваа дома во своите држави и го применуваа во сопствените општества. И тука создадоа корумпирана елита на необразовани, исфрустрирани, на сѐ подготвени полулуѓе без ниту јота морални, етички и духовни вредности. Врескањето, етикетите, стигмите и омразата кон сѐ што е умно, убаво и корисно станаа пароли што се извикуваа на протести, на кои во името на нивната слободата се бара одземање на нашата слобода. Говорот на омраза кон другиот го заменија со „забрана на говорот на омраза“, дефиниран како забрана за мислење различно од нивното. Тоа е отсекогаш така. Не очекувате белки императорот да дојде со камшикот во рака (камшикарот што ќе ве стави во ред, се сеќавате на него?) и да почне да ве тепа по улици? За тоа ќе се погрижи администрацијата (и ова ви е познато, нели?), која секогаш се регрутира од вашите, од нашите, од моите и од твоите роднини и пријатели. И ова ви е познато, нели? Што да се прави? Не вртете ги главите, за почеток. Британија ја напушти Европската Унија. Шкотска се подготвува за нов референдум и излегување од Обединетото Кралство. Нели материјалното богатство, новите вредности, демократијата и слободата ќе бидат општоприфатена замена за националната посебност, духовната различност, идентитетот, јазикот, традиционалните убедувања?

Шкотска е седумстотини години дел од Англија. Дадено им е сѐ, дури и регионална автономија. И пак не се задоволни. Како во седумстотини години, со промена на три општествени уредувања, три империи и педесет години споделена европска идентификација, Шкотланѓаните не станаа Британци и Европејци? Да ја спомнувам ли Ирска? Каталонија? Баскија? Нели Западот ги има одговорите на овие прашања? Нели Западот има решенија за нашите неволји? Нели Западот и припадноста кон западните вредности ги менува луѓето и нивните убедувања? Во 1992 година се распадна Југославија, со ветувања од Западот дека сите ќе го добијат она што го сакаат и заедно ќе живеат среќни во идната обединета Европа на еднаквоста, слободата, братството и богатството!? Триесет години подоцна: сите живееме според принципот секој против секого, Господ против сите! На сите им беше ветувано сѐ, само ако доволно добро и доволно долго се менуваат од лошо на полошо. Ни останува да веруваме дека ова е вистина или лага? Ни останува да се сомневаме во самите себеси и да продолжиме да не си веруваме? Ни останува да го отфрлиме здравиот разум наспроти болниот ум. Ни останува да ја прифатиме нивната најдобра понуда: да не добиеме ништо – ако се откажеме од самите себеси! А немаме веќе ништо друго и никој друг освен самите себеси.

Нашиот излез од оваа црна дупка на неверувањето во себеси и сопствените знаења и можности е во соочувањето со вистината дека промените се случуваат и светот се менува наспроти нас или ние наспроти него. Ако сме сосема начисто дека ние не можеме да влијаеме на промените наспроти нас, тогаш нема како да не прифатиме дека нашето менување наспроти светот не е прашање на иднината, туку прашање на сегашноста. Менување или опстанок. Што зборувам јас? Ова е Македонија во 2021 година. Ова е некаков идеализам, претпоставувате? Можеби. Но да се вратиме на филозофите. Сократ тврдел дека идеалите може да бидат разбрани само од умни луѓе, а Шпенглер уверува дека европската култура ќе се распадне во нов цезаризам, тиранија и варварство. Со првиот започнале западните вредности, со вториот се мисли дека завршуваат. Така мислат оние таму, на Западот. Што мислите вие овде, надвор од Западот, а далеку од умот?

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести