Home » Муареми ќе поднесе кривична против Русковска, претресот бил тенденциозен

Муареми ќе поднесе кривична против Русковска, претресот бил тенденциозен

by Журнал.мк

Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми до крајот на неделата ќе поднесе кривична пријава против обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска за „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување на службената исправа“.

На брифинг со медиумите денеска во Управата за финансиска полиција, директорот Муареми, појасни дека претставки до Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, до Советот на јавни обвинители и до Судскиот совет поднел не зошто Вилма Русковска постапила по пријавата што ја добила против него, туку за начинот и незаконитоста во постапувањето.

– ОЈО ГОКК до Судот доставува лажни и невистинити податоци, само за да ја добие наредбата за претрес. Тоа претставува измама и фалсификување на исправа. Наредбата за претрес опфаќа основано сомнение и дека сум сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание. Вилма Русковска без да има ниту еден доказ, без да обезбеди ниту еден доказ, до Судот, а и во јавноста ме обвинува дека сум сторил кривично дело – вели Муареми.

Тој појаснува дека ОЈО ГОКК во барањето до судот навело дека сторил кривично дело и оти располага со докази за основано сомнение, дека го сторил тоа кривично дело, а на денот на претресот заедно со наредбата за претрес му било врачено и барање за доставување податоци за тоа колку анонимни пријави се доставени до управата почнувајќи од 2018 година до денот на давањето на одговорот.

– Доставување на барање за податоци и наредба за претрес, во исто време и за истата работа е нејасно и нелогично и нема никаква поента. Или ќе направите претрес и ќе ги земете, или ќе го оставите барањето и во рокот што сте ни го дале ќе ви ги доставиме бараните податоци – вели Муареми.

Во однос на изјавите дека Судот е тој што одлучува за законитоста на претресот и дека требало таму да се обратат, од Управата информираат дека жалба за наредба за претрес до Кривичен Совет не постои по Законот за кривична постапка и дека до Кривичен совет или до Суд, може да поднесете жалба на решение, но жалба за наредба за претрес не постои.

– Тоа во превод значи ние да поднесеме барање да судијата на претходна постапка кој што ја издал наредбата, тој да провери дали истражителите постапувале законски по издадената наредба. Тоа во овој случај е беспредметно. Ние во старт знаевме дека се работи за блеф, за злоупотреба на функцијата, за прикажување лажни податоци, за немање основ да се бара наредба за претрес што се докажа и со надзорот – изјави Муареми.

Според Муареми претресот бил исклучиво и со цел да му се наруши личниот углед, угледот на Управата и да се попречи неговото работење.

– Претресите беа тенденциозни и со единствена цел – да се наруши мојот личен углед, угледот на целата институција, да се доведат во прашање сите сегашни, а и идни постапки/ предмети кои Управата ги води – изјави Муареми.

Муареми, на брифингот, исто така посочи и дека нема друг пример каде Јавното обвинителство приоритет дава на анонимни пријави од граѓани, наспроти пријави од познати пријавители со докази кои чекаат со години за постапување.

Од Управата за финансиска полиција потсетуваат дека до ОЈО ГОКК имаат доставено кривична пријава со доказен за сторен криминал во Фудбалска федерација на Република Македонија, потоа три кривични пријави за криминал во Општина Карпош, како и кривични за сторен криминал во Министерство за транспорт и врски, во Министерство за финансии, во МРТ и АД Те-То.

– Ние како Управа за финансиска полиција, по закон сме повикани и мора да соработуваме со ОЈО ГОКК, иако морам да нагласам дека не сме задоволни од соработката, дури сме се прашувале зошто за одредени големи, капитални предмети ОЈО ГОКК нема интерес да соработува со нас. Зошто ОЈО ГОКК од нас не побара да се извршат проверки во актуелни истраги, да се испита потеклото на парите за Мијалков, за Груевски, за Орце Камчев, а експресно постапи по оваа анонимна пријава и дојде претреси неосновано и незаконски да прави – рече Муареми, на брифингот со новинари.

Муареми, исто така, информира дека само во 2021 година поднеле седум пријави до ОЈО ГОКК, како и 15 известувања по нивна иницијатива, за кои, како што појасни инспекторот не е сигурен дали има елементи на кривично дело, а работел со месеци и има 50 страни пишан материјал, собран доказен материјал па истиот го доставува како известување па обвинителот нека одлучи и да ни каже дали има елементи на кривично дело или не. Во истата година со 40 овластени инспектори во Управата, кои се надлежни за цела територија, биле сработени и 72 наредби од ОЈО ГОКК.

Од Управата, исто така, појаснуваат дека сите дела кои што ги работат не се во надлежност на ОЈО ГОКК и оти во 2021 година имаат и 111 кривични пријави поднесени до другите обвинителства во државата.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk