10.8 C
Skopje
Monday, September 26, 2022

Моќта ги менува сопствениците, правото не!

Најчитани вести

Протестите, штрајковите, демонстрациите и изјавите на незадоволство многу често се претвораат во призма на политички и партиски влијанија, со што искрените намери на обесправените се контаминирани од борбата за власт и моќ на партиските структури. Оти ние политички структури немаме, скоро сите се исклучиво партиски.
Нема ништо подегутантно од тоа да видите како лидер на партија или човек инсталиран од партија држи говор, се појавува на протест со транспарент или поставува фотографии од протестот присвојувајќи ја масовноста на протестот, како своја армија за вршење на притисок и демонстрација на политичка сила. И тоа како секогаш на грбот на оние кои се навистина обесправени и кои за жал гледаат како нивната борба за права се претвора во борба за власт.

Од таа причина не треба да е неочекувана консеквенца што протестот за права на жените организиран од Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ во Штип ќе се памети по изјавата на една прилично нервозна госпоѓа која се охрабри покрај нозете да ја активира и својата уста и тоа пред камери, па истакна:

Протестираме за ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт и да ја уништиме државата.

Секако госпоѓата даде автогол на луѓето кои ја делегирале и верувам дека никој не е горд на нејзината изјава. Ама таа госпоѓа е прототип за еден демонстрант кој маршира за правата и тоа во првите борбени редови. Оти оние кои искрено се мотивирани да протестираат се истиснуваат полека кон последните редови, немаат пари да платат осветлувања, озвучувања, скапи транспаренти и се друго што го чини еден протест – организиран.

Не е ниту случајно што деновиве учесниците, а не предводниците на Шарената револуција си ги чистеа боите што ги мачкаа по значајни објекти во Прилеп. Сигурно немаше да очекувате дека оние кои ги гледавме во први редови и кои камерите најмногу ги фаќаа за време на фрлањето куртони со боја, да се фатат за четкички за заби и сантим по сантим да ги тријат остатоците од својот срам. Оти тие срам немаат, си озбезбедија власт, или пратеничко место, си земаа мандати, политички или јавни функции и си се повлекоа во глувчешка дупка без некој да ги види или повика на одговорност.

Борбата за правата во Македонија е однапред поробена со политичко влијание. Ние сме робови на партиските слуги, на слугите на странските и домашните служби, на полтроните кои сопствениот интерес го ставаат пред правото и секако на сопствената алчност и егоизам. Борбата за правото завршува со триумф и носење на една мала изолирана група на луѓе на моќна позиција. И со тоа ништо не се решава, оти моќта го менува својот сопственик, а правото не. И кога исполнуваме права само додека имаме моќ, многу често се случува моќта да го смени господарот и ние повторно да го изгубиме правото.

Ја знаете борбата од „Господарот на прстените“ во која Толкин на генијален начин го објаснил курварлукот за моќ и курварлукот на моќта. Прстенот на моќта никогаш не е кај ист сопственик, само ги менува рацете и ја надживува секоја рака која го носи. Моќта е вечна, а сопственикот на моќта конечен.

И немаме право ниту да се лутиме, ниту да се изненадуваме, од политичките, а не судските процеси, од цензурата во медиумите, од партиските вработувања, од тоа што само симпатизерите на една партија имаат шанси да добијат средства за конкурси и уште многу други неправди.

Немаме право да се чудиме како некој во Македонија успеал да стане шеф со такво (не)знаење и (не)кадарност, немаме право да се шокираме кој ни ги учи децата и кој се работи во јавна администрација, немаме право да реагираме ако при промена на власт Злате браварот стане шеф на царинска управа и демонстрира моќ и власт на секој еден што нема да му се бендиса, немаме право да реагираме кога некоја напицана тетка од зад шалтерот ќе не ебе у мозок четири саати за еден печат затоа што како што би кажал Ршумовиќ сме „ничије дете“. Ние го губиме правото секогаш кога играме на моќ или за нечија моќ.

Затоа секој што е партиски обележан или има каква било врска со партијата нека си ги трга рацете од мојата лична борба за моите права!

Автор: Магдалена Стојмановиќ

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com