Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска имаше средба со претседателката и потпретседателката на Одборот за евалуација на високото образование, проф. д-р Марина Митревска и проф. д-р Јетмире Јакупи-Алимани.
Шаќири на средбата, како што соопшти МОН, истакна дека високи се очекувањата од Одборот во постигнувањето на целта за градење општество засновано на знаења и затоа, според него, треба да се интензивираат заложбите за унапредувањето на квалитетот на високообразовниот систем во државата.
-Јасно е дека нè чека многу работа. Сè уште немаме високообразовна установа ниту во најдобрите 1000 универзитети во светот, на некоја од познатите ранг-листи. Затоа насочено треба да делуваме на обезбедување развој и унапредување на квалитетот на високото образование, нагласи министерот Шаќири.
МОН во соопштението наведува дека евалуацијата е еден од инструментите за поттикнување на високообразовните установи повеќе да се заложат за да ја подигнат конкурентноста, да понудат поквалитетни, атрактивни студиски програми, повеќе да ја развиваат научно-истражувачката дејност како и да водат поголема грижа за студентите.
– Само преку градење меѓуинституционална соработка, размена на искуства, идеи и предлози можеме да градиме квалитетни високообразовни установи, со атрактивна понуда на студиски програми не само за домашните, туку и за странските студенти, се согласија соговорниците, информира Министерството за образование и наука.