Home » МОН доделува парични награди за освоени награди на меѓународни и државни натпревари

МОН доделува парични награди за освоени награди на меѓународни и државни натпревари

by Журнал.мк

Министерството за образование и наука објави повик за доделување парична награда за освоена прва, втора или трета награда или златен, сребрен, односно бронзен медал на меѓународен натпревар од областа на математиката, информатиката и природните науки и повик за доделување парични награди за освоено прво место на државен натпревар во основно образование.

Повикот за доделување парична награда за освоена прва, втора или трета награда или златен, сребрен, односно бронзен медал на меѓународен натпревар од областа на математиката, информатиката и природните науки е за ученикот, наставникот кој му го предава предметот од овие области, како и на менторот кој го подготвувал ученикот за натпреварот.

Како што е наведено во повикот објавен на веб-страницата на МОН, може да се пријават ученици и наставници од основни училишта и ментори за меѓународен натпревар одржан во учебната 2022/2023 година.

МОН ќе додели поединечно парична награда во износ од 100 отсто од просечната нето-плата во државата исплатена во последниот месец пред доделувањето на наградата за освоена прва награда/златен медал, 80 отсто за освоена втора награда/сребрен медал и 60 отсто за освоена трета награда/бронзен медал.

– Под меѓународен натпревар се подразбира натпревар на кој учествуваат ученици од најмалку десет различни држави, на кој се споредуваат знаењата помеѓу учениците од различните држави и се врши рангирање на најдобрите ученици од сите земји кои учествуваат, соопшти МОН.

Во повикот е напомнато дека нема да се доделуваат награди за меѓународни натпревари кои се спроведуваат по електронски пат на далечина, за меѓународните натпревари кои се однесуваат на проекти, ниту за освоени први, втори или трети места на натпреварот за популаризација на математиката „Кенгур”.

Рокот за пријавување е 31 август 2023 година. Во повикот на МОН се содржани повеќе информации за критериумите за учество, начинот на аплицирање и потребната документација.

МОН објави и јавен повик за доделување парични награди за освоено прво место на државен натпревар во основно образование за ученик и неговиот наставник. Натпреварот треба да биде организиран од акредитирано здружение на наставници.

– Барањата од ученикот, односно од неговиот наставник за исплата на парична награда за освоено прво место на натпревар на државно ниво во учебна година, се доставуваат до Министерството најдоцна до 31 декември во тековната година кога е организиран натпреварот, наведува МОН во повикот во кој се содржани информации за документите за пријавување и начинот на аплицирање.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk