Home » Може ли Алијансата да биде агенс на евроинтеграциите на Македонија

Може ли Алијансата да биде агенс на евроинтеграциите на Македонија

by Журнал.мк

Американскиот универзитетски професор и влијателен експерт за геополитиката на Балканот, Едвард Џозеф, во своите процени и излагања за штетите што ги предизвикува бугарското вето, не само на македонските евроинтеграции туку и на поголеми геополитички процеси и планови, категорично констатира дека македонско-бугарската ситуација „станува проблем и на НАТО“.
– Американскиот претседател Џо Бајден не може да дозволи меѓу сојузничките земји од НАТО, една земја-членка да малтретира друга земја-членка затоа што е поголема, како што е во случајот со Бугарија и Македонија. Тоа е веќе и проблем на НАТО. Тоа не можеме да го дозволиме. Ова е сојуз, НАТО е сојуз, а САД не може да толерираат агресија кон идентитетот, искористување на силата на овој начин. Ова е сериозно, не е мало прашање. Идентитетот на луѓето е поврзан со идентитетот на државата, со напредокот на државата, со внатрешната стабилност и добрите односи меѓу Македонците и Албанците, што е наш интерес – вели Едвард Џозеф.

Ќе решава ли НАТО „проблем на НАТО“?

Неколку дена по завршувањето на самитот на ЕУ, на кој беше презентиран францускиот предлог на контроверзната преговарачка рамка за Македонија (кој беше одбиен од Македонија, но изгласан во бугарското собрание), денеска во Мадрид (Шпанија) започнува самитот на НАТО, кој ќе трае од 28 до 30 јуни. Сите учесници на самитот сметаат дека тој се одржува во време на најголемата безбедносна криза од Втората светска војна, која беше предизвикана од руската инвазија на Украина и која радикално го промени воспоставениот поредок. На дневен ред на самитот е прашањето како бруталната агресија на Русија против Украина и новата безбедносна реалност во Европа влијаат на пристапот на НАТО кон одбраната и одвраќањето. Високо на листата на приоритети се и зголеменото влијание на Кина и безбедносните последици од климатските промени, проследени со други закани, тероризмот и нестабилноста во Северна Африка и Сахел. Се очекуваат одлуки за зајакнување на одбраната и одвраќањето и за долгорочна поддршка за Украина…
Предизвиците на македонските евроинтеграции, во пресрет на денешниот самит на НАТО, низ призмата на изјавата на влијателниот Едвард Џозеф дека токму „тоа е веќе проблем на НАТО“ како да до наметнуваат прашањето може ли НАТО да биде нова сила, двигател, делотворен инструмент што ќе предизвика позитивна промена на евроинтегративниот пат на Македонија. Има ли интерес Алијансата да се заземе и да се вклучи во решавање на новите заплети на и така комплицираниот пат на Македонија за почнување преговори за членство во ЕУ? Дали воопшто НАТО е заинтересиран да влијае за постигнување (враќање) на легалистичкиот пристап на македонските евроинтеграции? Какви се шансите на самитот на НАТО (макар на маргините), каде што членуваат Македонија, Бугарија и Франција, врвот на НАТО или највлијателната членка САД да влијае и процесот да го постави во согласност со меѓународното право?

НАТО има интерес за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија, но нема институционален капацитет

Повеќе меѓународни експерти го делат мислењето дека францускиот предлог на преговарачката рамка за Македонија од повеќе аспекти ги прекршува принципите на меѓународното право, на кои наедно се заснова и самата Алијанса. Дали воопшто НАТО е заинтересиран да влијае за постигнување (враќање) на легалистичкиот пристап на македонските евроинтеграции? Освен тоа, додека се свежи изјавите на сите актери во македонско-бугарскиот спор од самитот на ЕУ, какви се шансите тие да се „испеглаат“ на самитот на НАТО (макар на маргините), каде што членуваат Македонија, Бугарија и Франција?
– Процената заснована на формалноправната поставеност на двата сојуза (НАТО и ЕУ) го наметнува заклучокот дека на НАТО нема мандат, но ниту критична маса на заинтересирани земји-членки да влијае на процесите и одлуките во Европската Унија. Односно, не верувам дека за време на самитот во Мадрид, прашањето на спор во ЕУ меѓу две земји-членки на НАТО (меѓу Македонија и Бугарија) ќе биде издигнато на ниво на загрозувачко безбедносно прашање. Истите играчи од ЕУ (кои покажаа (не)заинтересираност за француската преговарачка рамка за Македонија) се главно и на сцената на самитот во НАТО, па не треба да се очекува поинаку да се постават во однос на тоа прашање на собирот на Алијансата во Мадрид. Сепак, од геостратегиски аспект, НАТО има интерес да се вклучи во решавање на спорот во ЕУ меѓу Македонија и Бугарија (нејзини земји-членки), но нема институционален капацитет да спроведе некаков процес на медијација. Еден од предизвиците што на НАТО му ги поставува францускиот предлог на преговарачката рамка за Македонија е што со тој текст всушност се подрива Преспанскиот договор, во делот за македонскиот јазик. Со тој договор Македонија стана членка на НАТО, а сега со вака формулираната преговарачка рамка, самата ЕУ го прекршува – вели воено-политичкиот аналитичар Методи Хаџи Јанев.
Поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО, универзитетскиот професор Нано Ружин, смета пак дека влијанието на НАТО во процесите на ЕУ воопшто не е незначително. Можеби македонско-бугарскиот спор во ЕУ нема да биде главна тема на тековниот самит на НАТО, но на маргините на собирот, на некој полуформален ручек или вечера, може да разговараат македонските и бугарските официјални претставници со францускиот претседател Макрон.
– Од самиот почеток, кога државите од посткомунистичкиот блок почнуваа да се демократизираат, влезот во НАТО се наметна како вовед во членството во ЕУ. Така што не може да се каже дека НАТО, а и САД немаат влијание на процесите и одлуките во Европската Унија. Постои одредена компатибилност меѓу НАТО и ЕУ, па и еднаш месечно се одржуваат состаноци на едно заедничко тело на двата сојуза, КОПС за координирање на стратегиите. Освен тоа, САД отсекогаш имале голема улога во ЕУ, а одредени европски лидери дури често забележуваат дека новите држави во ЕУ се премногу американизирани. Постојат примери доколку се оцени дека однесувањето на една држава-членка на НАТО влијае на безбедносниот статус на друга земја-членка, Алијансата (и САД) да интервенира со влијание за надминување на таквата состојба. Во таков контекст, не е исклучено НАТО и САД да извршат одреден притисок кај нашиот источен сосед, на што повикува и влијателниот Едвард Џозеф. Но, сепак, за процесот на нашите евроинтеграции се одлучува во рамките на ЕУ. Можно е во рамките на самитот на НАТО, на некој полуформален ручек или вечера македонските и бугарските официјални претставници да разговараат за предизвиците што произлегоа од новата преговарачката рамка за ЕУ со францускиот претседател Макрон – вели професорот Нано Ружин.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More