20 C
Skopje
Sunday, April 11, 2021

Можат ли владите да ги протераат мразачите

Најчитани вести

Пишува: Ерол Ризаов

Ако на Америка по падот на Трамп и требаат осум години да го протера трампизмот, кај нас по падот на ерата на груевизмот ќе ни требаат најмалку 20 години да се протераат сеачите на омраза и на делби.

„Во ерата по Трамп, владите насекаде треба да ги протераат мразачите“. Ова не се зборови на некој тазе испилен самонаречен демократ, или популистичка заложба на премиер, претседател, опозициски партиски лидер во подем, туку на светски познатиот економист и универзитетски професор на престижната „Колумбија“ Американецот Џефри Сакс чии текстови истовремено ги објавуваат над 600 влијателни медиуми во светот.

Кај нас во Македонија кога ќе се употребат зборовите „да се протераат“ сеачите на омраза која од поодамна има епски димензии, „патриотите“ веднаш ќе ви залепат етикети дека ја гушите слободата, дека сте корумпиран странски платеник, дека всушност вашиот јазик е јазик на омраза и ограничување на слободата на говор. Па уште ако се осмелите да кажете јавно, или напишете дека тоа треба да го направат владите, како што вели Сакс не ви гине јавна сатанизација и распнување на столбот на срамот како предавник на националниот идентитет. Се разбира, Џефри Сакс пишува за владите кои доаѓаат по падот на режимите по демократски пат при веќе создадена критичка маса бидејќи ерата на протерување на шовинизмот, екстремниот милитантен национализам, популизмот, расната и верската дискриминација, примитивизмот, лагите и говорот на омраза во најдобар случај трае двојно подолго отколку времетраењето на репресија, ограбување и труење со пропаганди на целото општество.

Во тој случај ако за оваа историски и искуствено докажана вистина на Америка и требаат осум години да го протера трампизмот, кај нас по падот на ерата на груевизмот ќе ни требаат најмалку уште 20 години да се протераат сеачите на омраза и на делби, да се изврши деконтаминација и ослободување од последиците на тиранијата. И тоа под клучен услов сите влади по 2017 година да имаат цврст став за демократизација, владеење на правото, перманентна војна против организираниот криминал и корупција, а јавноста редовно да ја препознава и поддржува таа определба.

Опозицијата попречува, власта нерешителна

Во Македонија по падот на груевизмот секој обид да се спроведува цврстата определба за изградба на демократско општество наидува на силни отпори и попречувања. За жал, не само од опозицијата која уште не ги признава злоделата на 11 годишно неконтролирано владеење, туку и од отпорите и нерешителноста во власта. За протерување на национализмот и шовинизмот потребна е многу поголема храброст, отколку за уривање на режимите. Етничките политички партии кои егзистираат на платформите од крајот на 19 век и почетокот на 20 век во квази патриотска одбрана на националните интереси лесно ја десеткуваат критичната маса на кревкото мнозинство за демократизација и европеизација на државата. Секогаш е посилна етничката припадност при поделбата на власта од обидите за демократизација на општеството.

Пред налетот на краткото паметење и корупцијата, брзото незаконско богатење и уште побрзото осиромашување на граѓаните, незадоволството од бавните промени, лажната и формална демократија со масовна злоупотреба на социјалните мрежи ги урива сите реформски зафати во остварување на стратегиските интереси за среќа и благосостојба кои се први во програмските определби на сите политички партии. Сето тоа паѓа во вода пред лажните тревоги за опасноста од загрозување на националните, верските, етничките и јазичните посебности. Не постои ниту едно нерешено прашање од државен интерес зад кое не се крие битка за власт со проблематизирање на меѓуетничките односи. По падот на режимот на Никола Груевски драматичните настани и крвопролевањето во парламентот на 27 април 2017 година беа оправдувани со нелегитимен избор на мнозинството на Албанец претседател на парламентот. Тоа беше алармирано како национална катастрофа која наводно предизвикала спонтани демонстрации и упад во Собранието.

Наддавање како на кванташки пазар

Сите партиски лидери со денови наглас ѓоа загрижено предупредуваат дека пописот не е политичка операција, а на големо се лицитира со проценти колку ќе бидат Албанци на пребројувањето на човечките и економските државни ресурси. Опозицијата тврди дека со фалсификување на пописот Македонија ќе има три милиони жители и над 30 проценти Албанци и покрај големото иселување во последните десет години. Таквиот попис ВМРО-ДПМНЕ нема да го признае и ги повикува граѓаните да не се попишуваат лансирајќи ја заблудата дека попречувањето на пребројувањето ќе ја промени реалноста. Демек тоа што не се објавило, не се ни случило. Албанските политички лидери пак ставаат вето на се што е под 29, односно под 25 проценти Албанци. Ако се случи нешто такво тие нема да ги признаат резултатите од пописот. Од ова наддавање како на кванташки пазар нема посилен доказ зошто Македонија единствена во Европа нема 19 години попис. Таквото бегање од реалноста е голема будалаштина и забивање на главата во песок на тие што не го направија пописот кога требаше и кога беа должни тоа да го направат. И на едните и другите и на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ добро им е познато кон што водат евентуалните обиди за одземање на веќе стекнати права. Досега никој не го прашал Христијан Мицкоски што ќе преземе ако Македонија има според европските правила на попис 19 отсто Албанци. А, ни Али Ахмети никој не го прашал што ако има 25 отсто Албанци. Ќе бара ли во тој случај ревизија на Охридскиот договор?

Најбрз консензус прават криминалците

Во Македонија најбрз консензус постигнуваат носителите на организиран криминал и корупција. Нивната идеологија се само парите. Кога политичарите би се договарале брзо за државните интереси како за криминалот, тогаш одамна ќе бевме успешна и просперитетна европска држава. Оптимистички и надежно звучат зборовите на Џефри Сакс дека заминувањето на Трамп е можност за нов почеток, не само во длабоко ранетото американско општество, туку и во мултиетничките поделени општества насекаде. Нема никаде оправдување за управување со расна омраза и етнички шовинизам. Во ерата по Трамп, владите насекаде треба да ги протераат мразачите. Да господине Сакс и Македонија пред четири години имаше нов почеток, но сеачите на омраза не се ни оддалеку протерани, туку намножени. Ги има од сите бои, и десни и леви и национални и етнички и интелектуални и криминални и европски и балкански. Ако тоа оди тешко во Америка можете да замислите колку ќе биде тешко на Балканот. Затоа поблиска ми е вашата суштинска определба кога велите светот, претпоставувам мислите на големите и влијателни сили пред се на Америка и на ЕУ, да погледнат назад во историјата за да ни помогне да одиме напред.

Како што извонредно го лоцирате решението во светската ѕвезда водилка, а тоа е строгата примена на Универзалната декларација за човековите права усвоена од сите земји членки во новите Обединети нации во 1948 година, во сенка на злосторствата од Втората светска војна. Оваа величествена декларација велите се заснова на принципот на универзално човечко достоинство, „без никаква разлика, како што се раса, боја, пол, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, сопственост, раѓање или друг статус“. Но, уште повеќе од декларацијата на ОН граѓаните на етнички поделените општества веруваат во вашата констатација дека напредниот свет има средства да им каже „НЕ“ на хејтерите, демагозите и разделувачите. Како и секогаш прашањето е дали светот ќе ги употреби тие средства, или ќе преовладуваат други интереси како и досега.

Повеќе вести

- Advertisement -

Најнови вести