Во Модуларната болница во Клиничкиот центар во тек се подготовките за почеток на вакцинацијата против ковид-19 којашто треба за започне во среда, објави министерот за здравство, Венко Филипче.
Како што објави Филипче на Фејсбук, вакцинацијата ќе се одвива на пет вакцинални позиции, а во тимовите за имунизација има медицински сестри и лекари, а модуларната болница ќе работи во две смени од 8 до 20 часот.
Првата пратка од 4.680 вакцини од предвидените 8.000 вакцини на компанијата „Фајзер“ кои се донација од Србија пристигна вчера во земјава. Кон средина на месецов се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинеската компанија „Синофарм“. Во земјава треба да пристигнат и дополнителни дози од „Фајзер“ кои се обезбедени од директните преговори со компанијата, како и дози преку Ковакс системот.
Според Националниот план за имунизација на населението, вакцинацијата ќе се одвива во три фази. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смртен исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, и лица постари од 70 години.