МНТ со „Животот е прекрасен“ ќе се одигра и во Белград

0
1

Македонскиот народен театар (МНТ) со претставата „Животот е прекрасен“ од Николај Ердман, а во режија на Александар Морфов, на 8 декември 2019 година ќе гостува на сцената на Народното позориште во Белград. Гостувањето се реализира во рамките на билатералната соработка меѓу двете театарски куќи. Премиерата на претставата се одржа на 10 април 2016 година во Скопје, на големата сцена во МНТ, откога покрај изведбите на репертоарот на матичната сцена, „Животот е прекрасен“ патува и надвор од границите на државата.

– Ова не е претстава за самоубиството, не е пиеса за смртта, туку за еден човек што повторно го открива животот, открива колку животот е прекрасен. Еден човек што доаѓа до пеколот, за да разбере, всушност, дека животот е нешто многу драгоцено. Слоевита смешно-тажна и многу раскошна поставка, која ги поставува најважните прашања на секоја епоха, имено: „До кога ќе ни се потребни човечки жртви, за да се чувствуваме живи“ – посочува Морфов.

Актерската екипа ја сочинуваат: Никола Ристановски, Николина Кујача, Звездана Ангеловска, Сашко Коцев, Тања Кочовска, Емил Рубен, Гораст Цветковски, Славиша Кајевски, Благој Веселинов, Александар Ѓорѓиевски, Александар Михајловски, Арна Шијак, Тина Трпкоска, Александар Микиќ, Никола Стефанов, Кире Ѓоревски, Марија Новак, Драгана Левенска, Никола Кимовски, Марија Димитрова, Анастазиа Христовска и оркестарот „Раскрши се“. Сценографијата е на Никола Тороманов, костимографијата на Марија Пупучевска, додека Инга Красовска е кореографка во претставата.