15.8 C
Skopje
Saturday, July 24, 2021

Мицкоски ја најави сезоната на сончогледите

Најчитани вести

Од: Срѓан Ивановиќ

Сончоглед е растение што се огледува за производство на масло за јадење, а терминот „сончоглед“ се однесува на политичките безрбетници, кои мандатот од граѓаните го добиле за одредена програма, идеологија или партиска припадност, а во текот на истиот мандат го промениле дресот и почнале да „настапуваат“ за противничкиот тим. Како Меси во прво полувреме да игра за Барселона, а во второто за Реал Мадрид?! Тотално без врска, но во македонската демократија овој феномен функционира веќе подолго време.

„Сончогледите“ имаат своја цена, која варира во зависност од понудата. Се сеќаваме своевремено како Љубчо Георгиевски одметнатите пратеници од ВМРО – ДПМНЕ ги „надоместуваше“ со пратениците од Демократска алтернатива. Тогаш се спомнуваа високи суми и голем број бенефиции за прелетаните, кои на премиерот му овозможија да го „преживее“ обидот за формирање на ново парламентарно мнозинство. Кулминацијата на чинот на пребегнувањето беше доспеана кога пребегнатата пратеничка Џулистана Марковска, во водите на реката Јордан во Израел, при една групна партиска екскурзија ја прими христијанската вера, а кума ѝ беше никој друг туку сопругата на Љубчо, Снежана Георгиевска.

Наследникот на Љубчо во ДМПНЕ, Никола Груевски, „сончогледите“ ги прибираше без многу егзотика и романтика. Имаше на времето некаква Нова социјалдемократска партија, која во Собранието имаше повеќе пратеници. По само една година, партијата остана со двајца парламентарци, откако останатите преминаа во редовите на коалицискиот партнер – ДПМНЕ. Груевски прибираше „сончогледи“ и кога не му беа потребни, но токму отвореноста кон нив беше една од тајните на неговото долговечно и релативно стабилно владеење, па во 11 години поминати на власт тој прибираше градоначалници, делови од партии и експерти.

Највисока цена „сончогледите“ достигнаа кога во Собранието се трагаше по двотретинска поддршка за „Преспанскиот договор“. Осумте пратеници од ДПМНЕ не преминаа во СДСМ, но затоа гласаа за уставните промени, а за возврат добија помилување за насобраните кривични пријави што се однесуваа на дела сторени во времето додека беа на власт.

За да се спомнат и опишат сите „сончогледи“ во парламентот и во политичкиот живот во Македонија, потребна ќе биде докторска дисертација, бидејќи освен споменатите случаи сигурен сум дека имало уште најмалку двојно повеќе. Но, како што стојат работите, наскоро би можеле да не очекуваат нови возбудувања.

Дека наскоро „сончогледите“ ќе добијат шанса за трансфер, објави претседателот на ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој кажа дека по локалните избори во октомври, тој ќе ги продолжи преговорите со неколкуте пратеници кои му припаѓаат на мнозинството во парламентот околу формирање на ново парламентарно мнозинство.

– Резултатите од локалните избори ќе ги охрабрат оние пратеници со кои разговараме и потоа очекувам формирање на ново парламентарно мнозинство – Мицковски.

Тој не ги откри имињата на можните засилувања, но потврди дека се работи за десетина пратеници, кои би можеле да се премислат и да ја променат страната. Со други зборови, лидерот на опозициската партија ја објави сезоната на прелетите од партија во партија, која ќе трае во дел од октомври и можеби целиот ноември, а во зависност од напнатоста на ситуацијата „сончогледите“ може да достигнат и до историски високи суми на своите трансфери.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести