Ќе ја напуштам политиката ако било кој од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласа за промена на Уставот, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој порача дека треба да се стави крај на изјавите од власта дека дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ биле подготвени да гласаат за промените во Уставот.
„Тука сакам да ја затворам таа тема. По цена на мојата професионална и политичка кариера, такви луѓе нема. Ќе си заминам, ќе ја напуштам политиката и никогаш повеќе нема да се занимавам со политика ако додека сум јас претседател, под овие услови, биде променет Уставот“ – изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ најави референдум за внесувањето на Бугарите во Уставот, за што се потребни уставни измени, што пак е услов за продолжување на преговорите за влез во ЕУ.ВМРО-ДПМНЕ се противи на уставни измени и најави дека нема да гласа за нив, а Уставот не може да се смени само со просто мнозинство, односно потребни се и гласови од пратениците до ВМРО-ДПМНЕ.
„Мицкоски да не чека, може веднаш да си даде оставка и да ја напушти политиката“, реагираат од владејачката партија СДСМ по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека ако некој од неговите пратеници гласа за промена на Уставот тој ќе се замине од политиката.
„Мицкоски, кој самиот се прогласи за анти ЕУ политичар, уште еднаш потврди дека референдумот кој го најавува, а за кој не ја знае ниту формата, ниту прашањето му е само за внатрепартиска и лична употреба.