-1 C
Skopje
Thursday, January 28, 2021

Мицкоски: Не можам да ветам алпски воздух, но ветувам 50 отсто почист воздух

Најчитани вести

Уште само 13 дена Заев е премиер и никогаш повеќе, тоа значи почитувани браќа и сестри еден чекор кон целта, а конечниот крај на оваа власт, што ќе значи победа на народот доаѓа за три и пол месеци од денеска. Доаѓа победата на народот, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од денешниот собир на партијата – „Обновата доаѓа“, што се одржа во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје.

-Ги издржавме три години, со штета која ја направија за триста години, ќе ги издржиме уште три и пол месеци. И одговорот следи на 12 април, а јас знам каков ќе биде. И некој ќе рече како си толку сигурен. Сигурен сум затоа што не се само анкетите, јас си го знам мојот народ, јас верувам во мојот народ и знам што сака тој. Мојот народ е горд и достоинствен со крената глава и големо срце. И ќе ви кажам, проблемите немаат ниту вера ниту нација, тие се заеднички затоа што тешкиот живот е заеднички. Има страшна подвоеност, една застрашувачка одлепеност на власта од реалноста.

Секоја година, три години по ред ги прогласува за економски години, и три години економијата тоне уште повеќе. Европската Унија е надеж, но Европската Унија мораме да ја заслужиме со работа, а не да чекаме како Заев што чека, да не наградат затоа што сме го продале идентитетот и така да мислиме дека ЕУ ќе не толерира, ќе го толерира криминалот на Заеви, „Рекет 1“, „Рекет 2“ и уште колку ли продолженија од серијалот „Рекет“ ќе слушаме, ќе толерира вирус, криминални уништувања на инсулин, кеш исплати за СЈО, сведоштва за преземени бизниси, криминални испумпувања преку фиктивни фирми и тајкуни како што е случајот со „ТЕТО“. Ќе толерира пратеници со психотропни супстанци, градоначалник насилник и што ли уште не, само поради тоа што Заев го смени името. И овие случаи се повеќето без истрага, а камоли обвинителен акт. И уште пострашно, овие се во рацете на корумпирани судии и обвинители, под контрола на власта.

И не е суштината да се збори постојано за ветингот, затоа што поважно од него е да се тргне од причината поради која ни треба ветинг, а тоа да се тргнат рацете на политиката од судството. Затоа што на секој тргнат судија, или обвинител ќе го имате повторно Зоран Заев кој ќе најде нови слуги, нова Катица, нова Русковска, нова Кацарска. Затоа почитувани, време е да се тргне Заев од местото премиер и да направиме систем. И ако мисли Зоран Заев дека ЕУ ќе го толерира сето ова само затоа што го смени идентитетот, тука се излажал.

Нам ни требаат принципи. Јас верувам во принципи. Принципите се правила кои нѐ дефинираат. Кои нѐ разликуваат од другите. И знам дека сите вие мислите дека политиката е непринципиелна работа, а ова ваше мислење е такво зошто влечете искуство од сите претходни 29 години независност. Јас ќе ви кажам дека во политиката има принципи иако политиката до сега во Македонија не беше таква. И ние заедно со тие принципи ќе ги донесеме, воведеме и зацврстиме принципите во Македонија. Не смее некој да има приоритет, а способните, вредните и најквалитетните да бидат на дното на листите на приоритети. Најквалитетните на врвот на листата на приоритети. Принципи! Не смее повеќе на политиката да се гледа како извор на богатење, затоа ќе донесеме закон за испитување на потекло на имотот на функционерите и нивните семејства. Да видиме кој се збогатил со труд, а кој со крадење, а украденото оди назад кај граѓаните.

Мора да има промени. Промени во секој поглед. Промени на власта, за да дојдеме до промени во економијата, образованието, земјоделието, здравството. Промени во културата, начинот на размислување, промени на сликата за политичарот во Македонија. Потребни се и промени на работите кои ги погрешија, но и на решенијата кои ги наметнаа. Реалноста не може да се игнорира, но тоа не значи дека не може да се промени.

И не можам да ви ветам дека веднаш ќе почне да дува чист алпски воздух. Тоа е невозможно. Но можам да ви ветам најмалку 50-тина проценти почист, амбиентален воздух за македонските граѓани. За граѓаните на Македонија – кажа Мицкоски.

Повеќе вести

- Advertisement -

Најнови вести