21.8 C
Skopje
Saturday, October 1, 2022

Мицкоски меѓу Мала Речица и големиот Дунав

Најчитани вести

Од: Злате Лозановски

Филозофот Бертранд Расел рекол дека само глупавите и мртвите никогаш не го менуваат своето мислење. Многу одамна пред Мицкоски да ги претстави своите замисли и намери да оди до крај.

Да си глуп е исто како да си мртов – ниту си свесен, ниту имаш проблем, само другите си имаат мака со твојата глупост. Како и од секое друго и од ова непишано правило има исклучок, во случајов партиски заклучок, што го потврдува. Еве, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е мудар, веројатно ни самиот не е свесен колку, очигледно нема никаков проблем со тоа и, најважно, сите други (во државата) имаат и најверојатно допрва ќе си имаат мака од неговата мудрост. Но, не за долго – само додека се живи.

Опозициската партија реши да го прифати мудриот предлог на лидерот Мицкоски и да тргне во специјална операција за ослободување на окупираните територии од актуелната власт. Ќе го блокира Собранието и ќе презема и други „невидени“ чекори се дотогаш додека власта конечно сфати дека треба да падне сама или да распише предвремени избори на кои ВМРО-ДПМНЕ навреме ќе дојде на власт. Бидејќи овие што владеат може да го одбијат предлогот – што е, нели, глупо, ама не е исклучено – сами, доброволно, да ги извршат наредбите од опозицијата, таа ги повика граѓаните на „општа мобилизација и активизам“ за да и помогнат во чекорите со кои таа ќе го изоди патот од белата палата до владината зграда. Значи, ете го нашиот проблем со нивната мудрост!Еден совет вели дека секој човек пред да направи нешто големо би било мудро да изброи до десет. Мицкоски не опомена дека „во овој процес што ќе трае“ не смее да има грешки и реши да брои до пет: на 10 мај ќе ја почне блокадата. И, што ќе правиме сега? Мислам ние – сите други – кои ниту се бориме да дојдеме, ниту да останеме на власт. Какви се нашите перспективи, каде се гледаме во иднина, имаме ли шанси да преживееме уште една власт, макар таа била и на ВМРО-ДПМНЕ?

Но, чуму вакви депресивни прашања, кога се е безнадежно решено. Се уште не баш практично, ама теоретски несомнено. Еве што е, според Мицкоски, нашата предност, која, претпоставуваме, ќе не спаси: „Ние сме мал народ, не можеме да ги менуваме светските текови (полека, не се разочарувајте, м.з.), но ние сме мудар народ и мораме тоа да го искористиме како предност“. Што ви реков!

Сега се станува многу лесно и просто: единствено што треба е да престанеме нашата мудрост да ја користиме како мана, што беше баш глупо од наша страна, и да не правиме грешки како во изминативе 30 години. „Ако ние нашата мудрост ја искористиме како предност, тогаш ќе има многу големи соништа и многу Делчеви со големи соништа во нас“, рече еден од учесниците на историскиот час што го организираше Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ по повод 119-годишнината од смртта на Гоце Делчев; погодувате, тоа е мудриот професор доктор Х. М. Тоа што го кажа на часот заслужува да влезе во историјата на македонските мудрости: „Ние денеска се делиме, за жал, и се додека постои поделбата во Македонија некој друг ќе ни ја крои судбината, во случајот Мала Речица. Затоа ни е потребно општествено обединување, народот да застане зад политиките на ВМРО-ДПМНЕ, треба да го направиме Делчев горд и да им оставиме на нашите деца да не ги полнат рестораните по Европа, туку да останат тука и да го работат тоа што го учеле. Да оставиме нешто тука во сопствената држава и за сопствениот народ. За една недела од денеска чекаме нашиот политички противник да се предомисли, да разговара најпрвин за македонско национално единство, а потоа на општо граѓанско единство против оние во Мала Речица, без разлика дали сте Македонци, Албанци, Срби Турци, Власи, Роми, Египќани и сите останати мора да се обединиме против тие луѓе кои 20 години формираат длабока држава. Ниту јас имам намера да се повлекувам, ниту ВМРО-ДПМНЕ ќе се повлече. Одиме до крај“.

Кратко повторување на материјалот од лекцијата по историја. Зошто ни е потребно општествено обединување? За народот да застане зад политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Што ќе правиме откако ќе постигнеме македонско национално единство? Веднаш ќе одиме на повисоко ниво – на општо граѓанско единство. Зошто? За така обединети Македонци, Албанци, Срби, Турци, Власи, Роми, Египќани (и сите останати Бошњаци и Бугари)… да тргнеме против тие во Мала Речица. Што прават тие таму? Колку и да изгледа парадоксално плитко, тие – еве веќе 20 години – во Мала Речица формираат длабока држава (а не е Илирида)! Што повлекува тоа? Се, само не Мицкоски и неговата партија. До каде ќе одиме вака? До крај. До чиј крај? Некои прашања не заслужуваат одговор. Што сонува Мицкоски? Па, не мора се да ни се каже, еве шанса да ја искористиме предноста и, како мудар народ, сами, без помош од надворешни сили, конечно да сфатиме во какво јаве (ќе) живееме.

(Мала дигресија: оние од власта – колку и да е тоа глупо – мислат дека длабоката држава се уште се формира не во Мала Речица, туку некаде на убавиот, син – и длабок – Дунав и дека оттаму стигаат овие наредби за блокади).

Филозофот Бертранд Расел, роден во истата година како Делчев, рекол дека само глупавите и мртвите никогаш не го менуваат своето мислење. Многу одамна пред Мицкоски да ги претстави своите замисли и намери да оди до крај.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com