Мицкоски: Бараме итна истрага за делувањето на обвинители и судии

0

Бареме итна, неодложна и сеопфатна истрага за аферата Кеш, пред сѐ истрага за работата на обвинителите од поранешното СЈО, но и другите обвинители од редовното обвинителство и судии кои не постапуваат или молчат пред евидентната лавина на скандали и афери, бара Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој во денешната изјава рече дека бара и истрага за начинот на кој се доделувале и злоупотребувале народните пари.

„Зошто се молчи за десетици афери. Таа истрага треба да биде и под силна лупа на Европската Унија и меѓународните сојузници, со оглед на фактот на високиот степен на инкриминираност на власта во овие процеси.

Ќе предложиме закон со кој ќе се овозможи проверка на потекло на имот на судии, обвинители, политичари носители на јавни функции. Да го испитаме потеклото на имотот на политичарите, и оние кои несразмерно се обогатија на грбот на народот, не само да одговараат со казни, туку да го вратат украденото од народот во буџетот на Македонија согласно Уставот. Мора да се врати одземеното на народот. Никој во оваа држава не смее да заштитува криминал, а криминалците да се чувствуваат заштитени. Еве, јас ќе ги повикам институциите прв да ме проверат мене и моето семејство, но на иста таква проверка да подложи и Заев, министрите, директорите, судиите, обвинителите. Сѐ што има индиции за нечесно стекнат имот да биде вратено кај народот.

Само така ќе добиеме правда. Ако ова не биде прифатено од страна на Владата и Заев овие две одлуки ќе бидат реализирани во првите сто дена од новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, после предвремените парламентарни избори на 12 април“, изјави Мицкоски.

Тој во своето денешно обраќање рече дека Македонија има сериозен проблем со криминалните структури во правосудниот систем.

„Состојбите се алармантни. Во услови кога имате криминална влада, портите за корупцијата и инструираните одлуки во обвинителството и судството се широко отворени. И тоа не е проблем кој застанува во правосудните лавиринти, судството и обвинителството, тоа е проблем кој е создаден и потхрануван од Владата и Зоран Заев.

Зоран Заев кза овие три години не направи ништо за да смени нешто во овој корумпиран систем. Ако некој се прашува зошто е тоа така, треба да знае дека Зоран Заев лично е пречката за правдата во Македонија.

Покажувањето на показалецот на премиерот кон судството и обвинителството не го решава проблемот зошто тој показалец ја кочи правдата и е извор на неправдата. Имаме власт која е заштитник на криминалот, и корумпираните судии и обвинители.

Конкретно преку аферата Кеш гледаме дека правосудниот систем, особено СЈО било претворено во алатка на Зоран Заев и власта за спроведување на политичка агенда, место каде биле вдомени партиски кадри, блиски роднини на судии, обвинители, политичари, дебело платени со парите на граѓаните. Онаа неколкугодишна претстава на СЈО, оние спектакли без правен крај, оние претстави на самопрогласените Чарлиеви ангели чии усти беа преполни со зборовите Устав и закони, гледаме дека најмалку се бореле за правда, туку за прогон, но пред сѐ за заштита на криминалот. И не се жалело пари за тоа“, рече Мицкоски.